Гацов: Со новиот концепт на даночна реформа се повторува неодговорниот однос кон бизнис секторот

од Vladimir Zorba
363 прегледи

Претседателот на здружението на даночни советници Павле Гацов реагира дека наместо првично најавениот опфат, Владата вчера на прес конференција презентирала редуцирана форма на даночната политика. Во иста насока е и неговата забелешка дека наместо конечни законски решенија, бизнис заедница добила ставови кои реално не можат да се користат за буџетирање на 2023 година.

„Се повторува неодговорниот однос кон бизнис секторот кој се остава да работи со непознати параметри и во сферата на неизвесност и правна несигурност без да се има чуство дека даноците, исто како и енергијата и инфлацијата се клучни за успешно работење на компаните“, вели за Локално, Гацов.

Владата се откажа од прогресивното оданочување со идеја даночниот систем да биде поправеден и поквалитетен, да нема нови даноци и зголемување на даночните стапки, уку проширување на даночната база. Се разгледува и можноста за дополнително даночење на компаниите кои профитирале од енергетската криза.

„Се најави нова „мега тема“ со евентуално воведување на данок на екстра профит за компаниите, чиј профит е поголем од 20% од нивниот просечен профит за последните четири години, притоа имајќи предвид дека во 2020 и 2021 година, повеќето од компаниите имаат остварено многу ниски профити, дури и загуби, со што и споредбениот просек од кој ќе се мери екстра профитот би бил прилично низок. Овој режим би ги опфатил само побогатите фирми. Во овој контекст добар параметар за оданочување би бил соодносот на учеството на платите, од една страна и нето добивката од друга во однос на вкупните приходи. Би се оданочувале компании кои за сметка на платите на работниците, остваруваат високи профити за сопствениците. Компаниите кои искажале висок раст на профит во однос на малиот раст на платите на вработените би платите данок на екстра профит. За сега, даночните власти не размислуваат за ваква опција“, објаснува Гацов.

Наспроти ова, даночната реформа после подолг период предвидува укинување на ослободувањето од данок на микро и малите трговци со вкупен приход до три милиони денари. Компаниите го губат правото за даночно ослободување по основ на животно и здравствено осигурување а во делот на даночни ослободувања останува реинвестирањето на добивката .

„Наместо оваа стимулативна мерка се воведува данок на вкупен приход по стапка од 1%, односно данок на добивка по стапка од 10% за деловните субјекти кои ќе остварат вкупен приход до шест милиони денари. Овие субјекти ќе имаат право на избор на еден од двата даночни режими. Реинвестирањето на добивката останува во категоријата на даночни ослободувања, со најава за ограничување на намената на набавените инвестициони добра и контрола на злоупотребата по основ на ова намалување и нивно санкционирање со пет пати поголем данок од износот на искористеното ослободување“, потенцира Гацов.

Владата најави дека од 1 јануари нема да има зголемување на пресоналниот данок, на данокот на добивка  и на ДДВ, а кај данокот на личен доход, социјалните придонеси за примените хонорари ќе се плаќаат само на доброволна основа, од страна на оние кои немаат некакво социјално осигурување по друг основ. Повисок данок од 5 на 10% ќе се плаќа на луксузни производи за човечка исхрана и нема да се однесува на основните прехранбени производи. Од следната година ќе се оданочуваат капиталните добивки од хартии од вредност кои се поседуваат пократко од две години, а оданочувањето на каматите од орочени депозити се одлага до влегувањето на Македонија во ЕУ. Со даночната реформа власта планира во буџетот да собере над 70 милиони евра.

К.В.С.

Слични содржини