Интервју со Лукаревска: Не сум против прогресивното оданочување, но за да зборуваме за оданочување на богатите, прво треба да ги дефинираме кои се тие

од Vladimir Zorba
634 прегледи

Го укинуваме прогресивното оданочување, но не се откажуваме од прогресијата. Работиме на нов модел кој ќе биде во насока да се опфатат сите приходи во едно домаќинство. Јас не сум против прогресивното оданочување, но, за да зборуваме за оданочување на богатите прво треба да ги дефинираме кои се тие, да се утврдат прагови кои ќе имаат ефект па дури потоа да ги оданочиме. Сметам дека дека треба да креираме соодветен модел, добро креирано даночно решение носи и даночни придобивки, вели во првото интервју за годинава Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи и заменик претседателка на СДСМ.

За резултатите на институцијата која ја предводи вели дека е задоволна од наплатата, и во однос на планот и во однос на 2021 година.

-За периодот јануари-декември заклучно со (27.12.2022 година), наплатата на приходите е за 17,36% повисока, во однос на наплатата во истиот период од 2021 година. За периодот од јануари до 27 – ми декември 2022 година, наплатен е износ од 102,8 милијарди денари, додека во истиот период лани, наплатен е износ од 87,6 милијарди денари. Годинава, споредбено со лани, имаме повисока наплата кај данокот на добивка за 44,88%, повисока наплата кај данокот на личен доход за 16,93% и повисока наплата кај данокот на додадена вредност за 12,3%, истакнува таа.

Во однос на даночната реформа и обвинувањата на опозицијата дека таа е за полнење на испразнетиот буџет, Лукаревска е децидна дека идеално решение нема, „но ние треба да го избереме најсоодветното“.

-Со прифатените измени се прошири даночната база преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот данок на личен доход со што се обезбедува поголема праведност на даночниот систем, како и правична распределба на даночниот товар по основ на данок на личен доход од труд и доход од капитал. Во однос на Данокот на добивка, предложените измени и дополнувања на законот треба да придонесат кон намалување на административниот товар на даночните обврзници и на УЈП како и воспоставување на неутрален даночен систем, категорична е директорката на УЈП.

За паѓањето на рејтингот на СДСМ според последните анкети, заменик претседателка на владејачката партија вели дека пораките на граѓаните треба да се земат сериозно во предвид, и дека во СДСМ, и таа лично, тоа го прават.

– Ако внимателно се анализира Анкетата, од неа може да се извлечат заклучоци за расположението на граѓаните во септември и октомври 2022 година. Тоа е само неколку месеци по вревата и ширењето на лажни вести за францускиот предлог, кога последиците од глобалната економска и енергетска криза најмногу се чувствуваа. Сега да се направи анкета сигурно дека ќе има одредени разлики, тврди во интервјуто Лукаревска.

Како сте задоволни од резултатите на УЈП за 2022-ра? Колку приходи се собрани?

-Задоволни сме од наплатата што ја остваривме оваа година, и во однос на планот и во однос на 2021 година. За периодот јануари-декември заклучно со (27.12.2022 година), наплатата на приходите е за 17,36% повисока, во однос на наплатата во истиот период од 2021 година. За периодот од јануари до 27 – ми декември 2022 година, наплатен е износ од 102,8 милијарди денари, додека во истиот период лани, наплатен е износ од 87,6 милијарди денари. Годинава, споредбено со лани, имаме повисока наплата кај данокот на добивка за 44,88%, повисока наплата кај данокот на личен доход за 16,93% и повисока наплата кај данокот на додадена вредност за 12,3%. Наплатата за ДДВ оваа година е повисока и во однос на 2020 година и тоа за 39,29 % , и за 24,70% повисока во однос на 2019 година. Во однос на повратот на ДДВ, годинава споредено со лани реализиран е повисок поврат кај стопанството за 44% односно од 13,4 милијарди денари повеќе во однос на лани. Во однос на Планот кој го имаме за оваа година, заклучно со 27 декември, податоците покажуваат дека има реализација од 98,47% и до крајот на годината треба да се наплатат уште 1,5% од планираното.

Што забележавте како најголеми проблеми во работата на Управата во изминатата година? Каде гледате простор за проширување на даночната покриеност на државата?

-При секоја работа може да се јават проблеми, и ние како институција не можам да кажам дека немаме проблеми, особено што изминатите две години не само ние, туку целиот свет функционира во специфични услови и во време на криза, прво здравствената а сега и енергетска криза. Во целиот период, во чекор и со исклучителна посветеност ги решаваме сите препреки и проблеми на кои наидуваме во текот на работењето. Паралелно, контуинирано вложуваме во нови дигитални решенија и во модернизација на УЈП и да бидам искрена тој процес би сакала да оди побрзо. Но, пазарот на труд за ИТ кадарот во последно време доживеа експанзија, па како и сите институции и ние се соочивме со одлив и недостиг на ИТ кадар, кој е клучен за дигитализацијата на Управата за јавни приходи. Поради старосната структура на вработените, годинава и во наредните неколку години, голем дел на колегите се и ќе се пензионираат, некој ја напуштија институцијата и сите овие фактори дополнително влијаеа на динамиката на реализирање на проектите и работата воопшто и затоа се потребни нови кадри за кои е потребно време за обука и прилагодување во процесот на работните активности за кои би дале резултати. Секако тоа е од голема важност затоа што човечкиот капитал ја прави институцијата подготвена и силна да ги следи економските текови и светските трендови за воведување на нови современи услуги и поддршка за даночните обврзници.

Во таа насока, во наредниот период освен обуки ќе воведуваме и нови услуги. Во новата 2023 година ќе работиме на Е – фактура, која треба да донесе многу поволности за нас како даночна администрација, но и за даночните обврзници. Со воведување на Е – фактура ќе се намалат бирократските процедури, ќе се зголеми ефективноста и ефикасноста на обработката на податоците, од друга страна се стега и обрачот за неформалната економија. Дел од тимовите веќе работат на нови хардверски и софтверски решенија со кои ќе се овозможи даночните обврзници да добиваат побрзи услуги, дел од процесите целосно ќе се автоматизираат со што ќе се заштеди и на ресурси и на време. Има низа активности кои треба да ги реализираме, не чека многу работа, но, заедно со сите расположливи ресурси и вработените очекувам дека ќе го дадеме максимумот.

Даночната реформа е предмет на широка дебата, а опозицијата ве нападна дека сето ова е за полнење за празниот буџет. Дали во време на криза е вистинско време да се прават даночни реформи?

-На концептот за даночна реформа претходеше една сеопфатна и длабока анализа на постојниот даночен систем во земјата спореден со даночните пракси во земјите од ЕУ и Западен балкан, препораките од ММФ, Светска банка и други меѓународни институции. Во изминатиот период заедно со Министерот за финансии преку една широка дебата, отворено дискутиравме со експертската јавност, академиците, бизнис-заедницата, синдикатите, невладиниот сектор, чинителите на политичката сцена во земјава, како и политичките партии. Овој инклузивен пристап имаше за цел креирање на едно оптимално решение што ќе значи воспоставување на даночен систем кој ќе биде предвидлив, транспарентен, едноставен и стабилен и кој ќе овозможи стабилни приходи и подобар живот за граѓаните. Свесни сме дека идеално решение нема, но ние треба да го избереме најсоодветното. Со прифатените измени се прошири даночната база преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот данок на личен доход со што се обезбедува поголема праведност на даночниот систем, како и правична распределба на даночниот товар по основ на данок на личен доход од труд и доход од капитал. Во однос на Данокот на добивка, предложените измени и дополнувања на законот треба да придонесат кон намалување на административниот товар на даночните обврзници и на УЈП како и воспоставување на неутрален даночен систем.

Каде ги гледате најголемите придобивки од новиот начин на оданочување? Ќе видиме ли намалување на сивата економија?

-Придобивките се обострани и за Даночните обврзници и за УЈП, еве кај капитални добивки, се предвидува документацијата да се прибира по службена должност. Тоа значи дека физичките лица кои остваруваат капитални добивки од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фондови нема да имаат обврска аконтативно да поднесуваат електронски пресметки до 10- ти во месецот, туку Управата за јавни приходи врз основа на податоците од Годишните извештаи доставени од Централниот депозитар за хартии од вредност и Друштвата за управување со инвестициски фондови во 2024 година (за остварените капитални добивки во 2023 година) сама ќе изготвува и генерира службено решение на годишно ниво за плаќање на данокот на доход од страна на физичките лица. Законското решение ќе придонесе за 100% пријавување на приходите по овој основ, со што директно ќе влијаеме врз намалување на сивата економија во делот на остварените капитални добивки од продажба на хартии од вредност стекнати после 1 јануари 2023 година и уделите издадени од инвестициски фонд. Друга новина која се предвидува е воведување на терминот даночен застапник, кој ќе овозможи странските лица кои немаат седиште, ниту подружница на територијата на Република Северна Македонија а кои вршат промет на добра и услуги во РСМ да назначат даночен застапник со цел пресметување и плаќање на данокот на додадена вредност на даночниот орган за извршениот промет во земјата. Со ова се создаваат фер услови за работа, но истата позитивно ќе се одрази и врз буџетот.

Во насока на подобра усогласеност со законодавството на ЕУ се уредува местото на промет на услугите по два принципи, Услуга B2B – business to business, со оваа новина, се предвидува компаниите да го плаќаат данокот во земјата каде што е корисникот на услугата. Додека за услуга B2C – business to customer, данокот се плаќа во државата каде што фирмата ја дава услугата.

Новина е и тоа што се доуредува системот за вредносен ваучер или популарно наречени картички за подарок, ( gift cards) . Се воведуваат еднонаменски ваучери со кои е прецизирано времето на издавање, местото на прометот на добра или услугите, како и износот на ДДВ кој треба да се пресмета и плати. На пример, ваучер за подарок, за одреден производ за кој има даночна стапка 18%, данокот на додадена вредност се плаќа при промет на ваучерот. Додека кај повеќенаменскиот ваучер во времето на неговото издавање не е познато местото или стапката на ДДВ на доброто или услугата во тој случај ДДВ ќе се плати при промет на доброто или по извршувањето на услугата. Преку овие неколку измени, како држава се доближуваме до европската пракса и на тој начин се усогласуваме со дел од ЕУ директивите а позитивно влијаеме врз приходната страна. Паралелно веќе од почетокот на годината сите домашни закони во делот на даночната сфера ќе треба да ги усогласуваме со ЕУ легислативата во делот на даноци и за тој дел тимовите се подготвуваат и посветено работат на тој процес. Верувам дека ќе бидеме на ниво на задачата и дека процесот ќе го завршиме на професионален начин како и досега.

Во однос на неформалната економија, таа е мошне сложен феномен, и затоа многу е важно, координирано делување на сите институции на национално ниво, заедничко спроведување на активности кои се насочени кон подобро деловно окружување за основање, за раст и развој на компаниите. Управата за јавни приходи континуирано спроведува активности самостојно или во координација со другите институции во рамки на националните стратегии и акциони планови за формализирање на неформалната економија. Со помош на нашите помагачи ММФ и УНДП работиме на модернизација на процесите, подобрување на капацитетите на надворешната контрола, воведување на нови методи на контрола со што се создаваат услови за споредбена анализа на пријавените и оданочените приходи на даночните обврзници, како и идентификување и вршење на контроли кај даночни обврзници кои не го пријавиле или нецелосно го пријавиле приходот од работењето. Преку новите автоматизирани процеси значително се намалува човечкиот фактор а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночни обврзници за контрола. Во стеснување на обрачот и намалување на сивата економија во голема мерка ќе придонесе и контролата за трансферните цени. Веќе докажан и многу поддржуван проект во намалување на сивата економија е и МојДДВ, преку кои граѓаните со барање и скенирање на сметките позитивно влијаеа врз компаниите да издаваат фискални сметки и на тој начин индиректно, секој ден придонесуваат во елиминирање на даночното затајување.

Дали вие сте за оданочување на оние кои најмногу заработуваат, односно екстра профитот?

-Данокот на профит е иницијатива која се разгледува преку транспарентен, инклузивен и консултативен процес со повеќе засегнати страни. Таков данок имаат воведено Хрватска, Велика Британија, Италија, Унгарија. Инаку, се предлага само 2022 година и истиот нема да се однесува на сите компании, туку само на оние што оствариле вкупен приход над 10 милиони евра во 2022 година и тој приход бил за 20% повисок од приходите остварени во претходните 4 години.

Се „поклонивте“ ли на капиталистите, како што велат од експертската јавност, откако со новата даночна реформа богатите нема да плаќаат повисоки даноци?

-Апсолутно не. Како транспарентна институција а во соработка и со Владата и со министерството за финансии уште во предлог верзијата за даночни реформи одржавме широка дебата во која ги вклучивме стопанствениците, експертите, Стопанските Комори, академиците и политичките партии а целта беше да ги разгледаме предлозите и да дојдеме до решенија кој ќе бидат најсоодветни. Во таа широка дебата добивме повеќе аргументи во однос на воведувањето на прогресивното оданочување, кое законски требаше да стапи на сила на 1 јануари 2023 година. Дебатата отвори повеќе прашања и во таа насока е и укинувањето на постојниот модел на прогресивно оданочување, за кој и анализите покажаа дека не дава вистински резултати и не е правичен модел. Го укинуваме, но не се откажуваме од прогресијата. Работиме на нов модел кој ќе биде во насока да се опфатат сите приходи во едно домаќинство. Јас не сум против прогресивното оданочување, но, за да зборуваме за оданочување на богатите прво треба да ги дефинираме кои се тие, да се утврдат прагови кои ќе имаат ефект па дури потоа да ги оданочиме. Сметам дека дека треба да креираме соодветен модел, добро креирано даночно решение носи и даночни придобивки.

Не воведувањето, барем засега, на прогресивното оданочување, опозицијата си го препиша како своја победа, но според вас, зошто „не“ за прогресивното оданочување во овој момент?

-Не е етички ниту политички коректно да извојуваме победи и порази врз грбот на граѓаните. Сметам дека кога станува збор за прогресивно оданочување, многу е важен моделот, односно како ќе биде скроено прогресивното оданочување за истиот да даде бенефит, да се постигне една праведност, ефикасност и ефективност. Мислам дека треба да креираме добро подготвен темел кој ќе придонесе да се постигне правичност и рамноправност. Можеби да се разгледа модел на градација на неколку стапки за да биде фер и правичен за сите граѓани.

Настрана вашата позиција, како заменик претседател на СДСМ, дали ве загрижуваат резултатите од последните анкети во кои има голема разлика меѓу вашата партија и ВМРО-ДПМНЕ? Има ли време за пресврт до изборите 2024-та и што би го донел тој пресврт, по ваше мислење?

-Иако станува збор за анкета правена пред неколку месеци а не во актуелниот контекст, во септември и октомври 2022 година, сепак пораките на граѓаните треба да се земат сериозно во предвид, и ние во СДСМ и јас лично тоа го правам. Ако внимателно се анализира Анкетата, од неа може да се извлечат заклучоци за расположението на граѓаните во септември и октомври 2022 година. Тоа е само неколку месеци по вревата и ширењето на лажни вести за францускиот предлог, кога последиците од глобалната економска и енергетска криза најмногу се чувствуваа. Сега да се направи анкета сигурно дека ќе има одредени разлики. Спласнаа шпекулациите и лажните вести, се покажа дека нема асимилација, нема бугаризација, потпишан е Договорот со Фронтекс на 26.октомври 2022 година, почнавме преговори со ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет. Антикризните мерки веќе дадоа резултат, има доволно струја, енергија, храна, платите и пензиите се покачени. Од друга страна на виделина излезе неспособноста на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, со најеклатантен пример во Скопје. И во овие специфични околности сепак кај Премиерот и претседател на СДСМ, Ковачевски, рејтингот постепено расте, а кај Мицкоски паѓа.

Поддршката за ЕУ се намалува, иако е доста висок процентот, а граѓаните се „вртат“ кон Турција и, можеби изненадувачки, Кина, барем според последната анкета на ИРИ. Каде ја гледате причината за овие резултати?

-Сепак анкетата, исто така, покажа силна поддршка за членството во ЕУ, 73% од македонските граѓани сакаат да влезат во ЕУ, што е огромно мнозинство и тоа е добро. Добро е да се види таква силна поддршка за членство во ЕУ којашто е на линија на политиките на СДСМ. Да постои одредено намалување, но во година во којашто се носеа тешки одлуки за иднината на земјата може да се каже дека е очекувано. Она што дополнително нас не охрабрува од оваа анкета на ИРИ е дека бенефитите од Отворен Балкан граѓаните ги чувствуваат и затоа има високото ниво поддршка од рекордни 82% од македонските граѓани за ова аиницијатива. Тоа се 7 процентни поени повеќе од поддршката пред една година кога изнесувала 75%.

Кои се вашите најголеми цели за 2023 година како прв човек на УЈП, но и како заменик претседател на СДСМ?

-Економски пресврт за конечно да ја победиме кризата заедно и да зачекориме во економски раст. Ги зголемивме платите, пензиите, минималната плата расте. Со поврат на средствата од МОЈ ДДВ, придонесовме во семејните буџети на сите кои скенираа фискални сметки, со мерките за стопанството позитивно влијаевме врз ликвидноста. Преку брзиот поврат на ДДВ кај стопанството сериозно влијаевме фирмите да имаат сигурно призводство, свеж капитал. Во годината која е пред нас, ќе носиме одлуки кои се однесуваат на системско уредување на државата во многу области, здравството, правосусдството, енергетскиот сектор, екологијата. Цел ни е успешно завршување на процесот на преговори со ЕУ. СДСМ е подготвена да испорача резултати и тоа ќе се случи во 2023 година.

В.З.

Слични содржини