Одлуката со која се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на определени видови тестенини и Одлуката за утврдување на највисоки цени на одредени видови млеко и млечни производи кои ги донесе Владата, се апсолутно издржани и сосема се согласувам со нивната цел, а тоа е да се излезе во пресрет на граѓаните и нивните потреби, вака денеска објави директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски, поздравувајќи ја ваквата одлука.
Трајковски е дециден дека одлуките нема да наштетат во стабилноста на домашниот пазар, но исто така не смее да се дозволи неконтролирано покачување на цените во услови на економска и енергетска криза.
-Верувам дека ќе се успее во битката за стабилност и ликвидност на компаниите и дека Владата ќе излезе во пресрет, како и до сега, онаму каде што ќе биде потребно! Овие Одлуки стапуваат во сила на 16.03.2023 година. До тогаш, апелирам, трговците да ги усогласат цените, во спротивно ќе следат високи казни! Пазарниот инспекторат ќе биде постојано активен на терен, и ќе постапува во согласност со надлежностите кои произлегуваат од овие Одлуки, истакна директорот на ДПИ.
Владата денеска донесе одлука за намалување и „замрзнување“ на цените на тестенините и млечните производи од 16 март до 31 мај.
Ова на прес-конференција го соопштија премиерот и министерот за економија, Димитар Ковачевски и Крешник Бектеши, најавувајќи дека млечните производи ќе поевтинат за најмалку 10 отсто, а дел од тестенините за најмалку 15 отсто во однос на цените од 1 март.
Според Ковачевски, цените на макароните и шпагетите ќе се „замрзнат“ на нивото што го имаа на 1 март, со намалување од 15 проценти, а истовремено ќе се укинат и царините за тие тестенини, бидејќи не се произведуваат во Македонија.
Се прецизира дека ќе се намалат и ќе се „замрзнат“ цените на трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, кравјото бело сирење и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци.