Откриен идентитетот на серискиот убиец ЗОДИЈАК? Признал дека убил 37 лица

од Stefanija Kuzmanovska
263 прегледи

Американското федерално биро за истраги (ФБИ) го идентификуваше серискиот убиец познат како Зодијак, тврди група истражители кои се занимаваат со таканаречените ладни случаи под називот Case Break!

Станува збор за Гери Френсис Пост, ветеран на воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави, кој починал во 2018 година.

Се верува дека тој стои зад убиството на најмалку пет лица во доцните 1960-ти. Новинарот Томас Колберт тврди дека извор од ФБИ му потврдил дека Пост, кој претходно беше идентификуван како убиец, моментално е на врвот на листата на агенцијата како главен осомничен за убиствата кои никогаш не се разрешени.

Колберт тврди дека лабораторијата на ФБИ успеала да изолира примерок од ДНК на Пост, која го поврзува со убиствата и дека полицијата не направила доволно за да ги истражи наводите против него додека бил жив.

„Пост се третира како осомничен за сериски убиства од 2016 година, но никогаш не бил сериозно истражен“, рече новинарот.

Колберт тврди дека во пресрет на неговата смрт, Пост им дал оружје на своите пријатели, делови од пиштоли, барут, куршуми и чаури од повеќе од 25 различни калибри, кои го поврзувале со убиствата.

Потврдено е дека Зодијак убил пет лица во Северна Калифорнија во текот на 1960-тите, но се верува дека бројот на жртвите е околу 30. Самиот убиец во своите пораки до полицијата изјавил дека убил 37 луѓе. ФБИ последен пат потврди во октомври 2021 година дека случајот Зодијак е сè уште отворен.

Група истражители на Case Break тврдат дека пронашле докази кои го поврзуваат Пост со сите убиства и дека федералните органи за спроведување на законот ги игнорирале доказите. Тие разговараа со многу луѓе кои го познавале Пост, вклучувајќи ги и неговите соседи и девојката на неговиот син.

„Како и полицајците, така и федералните агенти се соочуваат со голем број случаи, постојана обука и развој, чудни правила и бирократија“, изјавил анонимен извор од ФБИ.

Официјално, канцеларијата на ФБИ во Сан Франциско не сакаше да ги потврди наводите за идентификацијата на Зодијак, наведувајќи дека случајот е се уште отворен.

Серискиот убиец го добил прекарот Зодијак поради криптограмите и астролошките симболи кои ги испраќал во полиција. Нерешените случаи на убиства со децении се инспирација за многу книги, документарни и играни филмови.

Слични содржини