Државната матура во Македонија: Пријавени 15620 ученици

од desk4
313 прегледи

Според информациите од Државниот испитен центар, оваа учебна година се пријавиле 15,620 ученици за државната матура. Од нив, 6,750 се од гимназиско образование, 8,598 од средно стручно образование, а 272 од средно уметничко образование.

Согласно Концепцијата за матура, учениците со четиригодишно средно образование екстерно полагаат два предмети, два интерно и проектна задача. Задолжителен испит за сите ученици е мајчиниот јазик.

Првиот екстерен предмет, мајчиниот јазик, се реализира утре. Околу 10,768 кандидати ќе полагаат Македонски јазик и литература, 4,380 кандидати ќе полагаат Албански јазик и литература, а 357 кандидати ќе полагаат Турски јазик и литература.

На 10-ти јуни, во сите средни училишта, ќе се полага вториот екстерен предмет. Учениците од гимназиско и средно стручно образование избираат помеѓу странски јазик и математика, музичките училишта избираат помеѓу естетика и странски јазик, а учениците од средното уметничко училиште избираат помеѓу филозофија и странски јазик.

Најмногу матуранти избрале да полагаат англиски јазик, и тоа 13,922. Бројот на кандидати кои се пријавиле за полагање на останатите странски јазици е значително помал. Француски јазик ќе полагаат 29 кандидати, Германски јазик 122, а Руски јазик само 17 кандидати. Математика ќе полагаат 1,397 кандидати, Филозофија 7, а Естетика 81 кандидат.

Испитниот материјал се доставува во училиштата и се враќа во Државниот испитен центар истиот ден кога се реализира испитот. Сите испити започнуваат во 10 часот.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани 2,107 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи од повеќе образовни институции. Од Државниот испитен центар им се посакува на сите матуранти да ги положат испитите успешно.

Слични содржини