Ескобар: Курти ќе пропушти можност доколку не го спроведе европскиот план и не се усогласи со партнерите

од Radmila Tasevska
949 прегледи

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар изјави дека европскиот план за Косово е добар и оти „не и одговара на ниту една страна“ и дека премиерот на Косово Албин Курти ќе „пропушти можност“ доколку не се согласи да го спроведе и не се усогласи со своите партнери, јави дописникот на МИА од Белград.

Ескобар ова го изјави синоќа во разговор со хрватските новинари во Загреб пред заминувањето на овогодишниот Дубровник форум, јави Хрватската новинска агенција Хина.

Американскиот пратеник рече дека има „позитивни индикации“ дека Белград тоа може да го прифати, но дека не може да го каже истото за косовскиот премиер Курти.

– Се надеваме дека (Курти) во одреден момент ќе го исполни европското и американското барање, рече Ескобар.

На прашањето какви последици тоа би можело да има за Косово и дали една од нив ќе биде повлекувањето на Мисијата на НАТО во Косово (КФОР), Ескобар рече дека оваа можност „не е на маса“.

– Нашето партнерство со Косово е партнерство со косовскиот народ, а не со една партија или една политичка фигура, рече американскиот пратеник за Западен Балкан.

Тој нагласи дека последица од неприфаќањето на европскиот план е изгубена можност.

– Тоа не е казнена мерка, тоа е пропуштена можност. Ова сега му се случува на Косово бидејќи не се усогласува со своите партнери, додаде Ескобар.

За да дојде до нормализација на односите, Србија бара формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) во северниот дел на Косово, што е предвидено во Бриселскиот договор за нормализација на односите од 2013 година.

Косово се обидува да спречи таа заедница да има извршни овластувања, нагласувајќи дека не сака на нејзина територија нешто како Република Српска во Босна и Херцеговина.

Слични содржини