Голем пожар денеска избувнал во Грција во близина на граничниот премин Меџитлија. Засега пожарот не е проширен на македонска територија, а Центарот за управување со кризи е во постојан контакт со грчките колеги.
„Веднаш дадов насоки на раководителот на Сектор 112 во ЦУК да стапи во контакт со грчките колеги од 112. Неколку минути подоцна бевме иформирани дека пожарот на отворено го гаснат поголем број на грчки пожарникари со подршка на 4 грчки ПП авиони. Грчкиот 112 ќе не извести благовремено доколку пожарот тргне кон македонската страна од границата“, вели Стојанче Ангелов директор на ЦУК.
За опасноста од овој пожар известена е Дирекцијата за заштита и спасување од каде подготвен за полетување чека еден Ер трактор.
„Воедно стапивме во контакт со МВР од каде побаравме да биде известен регионалниот центар за ГР Југ и најблиската ПС за ГП и ГН со цел да испратат патрола која благовремено ќе не извести доколку пожарот ја премине граничната линија. Денес на располагање за гаснење на евентуални пожари на отворено имаме два полициски хеликоптери, еден армиски хеликоптер како и два Ер трактори на ДЗС“, додава Ангелов.