Ковачевски: Колку добар претседател на Собрание бил Трајко Велјановски, тоа можевме да видиме на 27 април

од Stefanija Kuzmanovska
410 прегледи

Пленарната седница на Собранието во однос на усвојувањето на амандманите за уставни измени започна и ќе продолжи тогаш кога ќе се создадат соодветни услови, во однос на бројот на пратениците коишто би поддржале таков процес, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Прашан дали може да се очекува до јануари продолжување на собраниската седница за уставни измени, со оглед дека следната година започнуваат внатрешни избори во Европската Унија, Ковачевски рече дека ова прашање е особено важно, со оглед на изборите кои следат.

„Сега е моментот кога се носи ваква одлука, со оглед на тоа дека идната година и Европската Унија оди на избори и Соединетите Американски Држави одат на избори и Северна Македонија оди на избори. После тоа ќе се прави нова Комисија, нови тела на ЕУ, што секако дека тој процес ќе го одолговлечи во недоглед“, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово.

Меѓутоа, нагласи Ковачевски, ние сме виделе како изгледа чекање и неносење на одлуки, посочувајќи дека нашиот пат во евроинтеграциите го започнавме со Хрватска пред многу години, а која денеска е земја членка на ЕУ, дел од Шенген зоната и земја која го има воведено еврото.

„Меѓутоа, некој овде 11 години сакаше да промовира и продава културно-историски и финансиски патриотизам. Да ги подгрева чувствата на граѓаните, кои што се одразија негативно и на нашите односи со соседите, а се одразија негативно и на односите внатре во општеството и државата стана од лидер на интеграции, заедно со Хрватска пред 17 години, заробена држава, хибриден режим, 140-та по слобода на медиуми во светот со економски перформанси, кои што беа исклучително ниски и дупло полоши од тоа што го имаме денеска“, изјави Ковачевски.

Во однос на тврдењето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, дека гласањето за уставните измени треба да биде најдоцна денеска, Ковачевски рече дека Владата не раководи со седниците на Собранието, туку тоа го прави претседателот на Собранието и тоа прашање е за него.

„Во однос на толкувањето на Деловникот ќе ве повикам да разговарате со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со оглед на тоа дека Владата не раководи со седниците на Собранието, туку тоа го прави претседателот на Собранието, а колку добар претседател на Собрание бил Трајко Велјановски, тоа можевме да видиме на 27 април“, наведе Ковачевски.

Слични содржини