Потегот на Владата да го зголеми планираното нето задолжување кај домашните кредитори го вклучи алармот и ги поттикна стравувањата за тоа во каква состојба е буџетот. Дел од експертите сметаат дека реалниот БДП за оваа година ќе биде помал од проценетиот што ќе влијае на тоа јавниот долг повторно да ја надмине психолошката граница на задолжување од 60%.
„Ваквиот тренд на раст на долгот не зборува добро за здравјето на македонската економија.Уште повеќе, станува очигледно дека и така слабиот раст на БДП нема да биде можен без одржување на високиот тренд на задолжување“, вели во разговор за „Локално“, даночниот експерт Павле Гацов посочувајки го како аргумент силниот раст на буџетскиот дефицит од 2020 година наваму,кој како што вели, е следен со висок раст на задолжувањето.
Гледано низ бројки, ситуацијата изгледа вака: „Од 2018 до 2022 година, јавниот долг порасна за нето износ од 3 милијарди евра, што е преку 20% од БДП“, вели Гацов.
Коментирајќи го солидарниот данок и очекувањето од приватниот сектор да се соберат околу 70 милиони евра, Гацов потенцира дека дел од овие пари ќе се искористат за поддршка на печатените медиуми.
„Решението според кое дел од данокот кој е еднократен и нема да се повторува секоја година се наменува за финансирање на дејност која постојано има потреба од финансиска поддршка (печатени медуми) не оди во прилог на фактот дека се работи за системско и трајно решение на државата“, објаснува Гацов.
Владата го зголеми прагот на домашно задолжување на 502 милиони евра. Каков сигнал се праќа со тоа во однос на состојбата во буџетот? Носи ли ваквиот потег ризици за вкупната економија, за платежната способност на државата, капиталните расходи и БДП-то?
-Јавниот долг на средината на 2023 година надминува 8,3 мрд евра, што претставува 58% од проценетиот БДП. Според проценките, БДП за 2023 година изнесува 14,4 мрд евра. Сепак, реалниот БДП за 2023 година ќе биде помал од проценетиот за околу 1 мрд евра, што ќе влијае на тоа јавниот долг после 2021 (кога за прв пат изнесуваше 61%), повторно да ја надмине психолошката граница на задолжување од 60 %.
Домашното задолжување учествува со повеќе од една третина во вкупното задолжување (34,26%). Со последната измена на Одлуката за утврдување на максималниот износ на нето-задолжување преку издавање државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2023 година (219/23), Владата го зголеми прагот за НОВО (нето) задолжување од домашни извори за 43,5 %, од 350 милиони евра на 502 милиони евра. Со зголемувањето на прагот на домашно задолжување, побарувачката на финансиски средства на домашниот пазар ќе биде поголема за 150 милиони евра, а за толку ќе биде послаба понудата на финансии за домашните економски субјекти. Трендот на раст на дефицитите и потребата од ново задолжување, како и високите каматни стапки на меѓународниот финансиски пазар се главните причини за поместувањето на лостот кон домашното задолжување, овој пат преку диверзифицирана структура на домашни обврзници во различен облик (граѓански, зелени и сл.), но со иста економска суштина.
Состојба со буџетскиот дефицит и јавниот долг
за периодот 2018/2022 (во милиони ЕВРА)
Година |
Буџетски дефицит |
Јавен долг |
|
Состојба на долгот |
Годишен |
||
2018 |
188 |
5.202,2 |
415,3 |
2019 |
222 |
5.540,9 |
338,7 |
2020 |
876 |
6.483,3 |
942,4 |
2021 |
632 |
7.135,3 |
652,0 |
2022 |
577 |
7.702,9 |
567,6 |
Очигледен е силниот раст на буџетскиот дефицит од 2020 година наваму, следен со висок раст на задолжувањето. Од 2018 до 2022 година, јавниот долг порасна за нето износ од 3 милијарди евра, што е преку 20% од БДП. Ваквиот тренд на раст на долгот не зборува добро за здравјето на македонската економија. Уште повеќе, станува очигледно дека и така слабиот раст на БДП нема да биде можен без одржување на високиот тренд на задолжување.
Преглед на стапките на раст на БДП за периодот 2018 – 2022
Година |
Раст / пад на БДП |
2018 |
2,9 |
2019 |
3,9 |
2020 |
-4,7 |
2021 |
3,9 |
2022 |
2,1 |
За 5 години, кумулативниот раст на БДП изнесува 8,1%, односно 1,62% просечно годишно.
Ако овој раст на БДП наместо според стабилната вредност на еврото, се спореди со растот на инфлацијата и падот на животниот стандард, неговиот квалитет значително се намалува.
За истиот период јавниот долг пораснал од 2,9 милијарди евра, што споредено со големината на јавниот долг во 2018 година (5,2 милијарди евра) е раст од дури 56%.
Споредбата на движењето на овие две големини, БДП и јавниот долг зборува за инфериорноста на ефектите од политиката на задолжување во изминатата петолетка. Задолжувањето не влијаело врз растот на домашната економија и истото било користено главно за покривање на тековни буџетски расходи кои не носат долгорочни ефекти за македонската економија.
Преглед: Капитални расходи за периодот 2018 – 2022
Година |
Капитални расходи |
Годишен раст / пад на капиталните расходи (%) |
2018 |
12.147 |
-38,8% |
2019 |
17.812 |
46,6% |
2020 |
16.115 |
-9,5% |
2021 |
23.408 |
45,3% |
2022 |
28.637 |
22,3% |
За 2018 и 2019 година, капиталните расходи биле повисоки од буџетскиот дефицит, но од 2020 до 2022 година, ситуацијата е обратна, дефицитот е значително поголем од направените капитални расходи. Ако ова се илустрира и со појавата да се евидентираат како капитални расходи и дел од тековните трошоци, како и исплатени аванси, ќе произлезе ставот за лошите перформанси во односот буџетски расходи Vs Капитални расходи.
Преглед: Капитални расходи Vs Буџетски дефицит за периодот 2018 – 2022 година
Година |
Капитални |
Буџетски |
Разлика |
2018 |
12.147 |
11.566 |
581 |
2019 |
17.812 |
13.623 |
4.189 |
2020 |
16.115 |
53.867 |
– 37.752 |
2021 |
23.408 |
38.885 |
– 15.477 |
2022 |
28.637 |
35.511 |
– 6.874 |
Претходната табела покажува дека задолжувањето после 2020 година не е во функција на капиталните расходи, туку за покривање на други буџетски расходи. Сепак овој тренд се подобрува за 2021 и 2022 година.
Во 2023 година, според иницијалниот буџет, капиталните расходи треба да изнесуваат 48.751 милиони денари, а дефицитот да биде помал односно да изнесува 42.759 милиони денари. Но, зклучно со месец септември 2023 година, овие две буџетски ставки се речиси изедначени и изнесуваат по 27,6 милион денари.
Во колкава мера домашното задолжување ќе влијае на инфлацијата?
-Од аспект на влијанието врз инфлацијата, домашното задолжување главно неутрално влијание врз инфлацијата со оглед дека јавната побарувачка на добра и услуги е всушност замена за приватната побарувачка (истиснување на приватниот сектор).
Контролата над инфлацијата е главна активност во описот и пописот на работните обврски на Народната банка. Имено, таа може преку зголемувањето на основните каматни стапки и зголемување на задолжителните резерви да влијае на понудата и побарувачката на пари, преку тоа на реалната побарувачка, а со тоа и врз инфлацијата. Сепак освен монетарните мерки, потребен е и сет од фискални и структурни мерки со кои би се влијаело на домашните фактори на високата инфлација.
Измените на Законот за плати долго време се најавуваат. Очекувате ли навистина да се намалат платите на функционерите? Што се ќе повлече таквиот потег?
-Тричетвртинското зголемување на платите на избраните и именувани функционери предизвика лавина од барања за повисоки плати во јавниот сектор и барања за високо линерно зголемување на пензиите. Ако кон ова се додаде постојаниот раст на минималната плата, во март 2024 се очекува нов раст на минималната плата за најмалку 10%, очигледен е силниот притисок на растот на платите како врз бизнисите, така и врз буџетските трошоци, и се разбира врз инфлацијата.
После економски неоправданото зголемување на функционерските плати, сите барања за повисоки плати и пензии станаа легитимни. Следеа зголемувања на платите за 30% во Министерството за финансии и УЈП, потоа зголемување од 10% и 15% во другите буџетски сектори, плус обврската за исплата на регрес за годишен одмор во јавниот сектор од 10.000 денари по лице што треба да се исполни до крајот на 2023 година итн. Високите трошоци за плати и надоместоци во јавниот сектор влијае врз зафаќањето од приватниот сектор, а заради недоволните буџетски приходи, сето ова влијае врз буџетскиот дефицит и растот на јавниот долг.
За илустрација, со новиот солидарен данок според проекцијата, од приватниот сектор ќе се истиснат 70 милиони евра и ќе се искористат за програмски цели уредени со Владини акти. При тоа, според последната измена на Законот за извршување на буџетот, дел од парите од солидарниот данок ќе се искористат за подршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми. Решението според кое дел од данокот кој е еднократен и нема да се повторува секоја година се наменува за финансирање на дејност која постојано има потреба од финансиска поддршка (печатени медуми) не оди во прилог на фактот дека се работи за системско и трајно решение на државата.
Вкупната економска состојба во државата во 2023 година, а во 2024 година уште повеќе, економистите ја нарекуваат со еден атрибут – „предизборие“. За жал состојбата за угодување на сите, а црпење само од бизнис секторот, ја врати заборавената „индексација“ на платите, цените, профитите, .. го врати и влијанието на индексацијата врз растот на инфлацијата.
Зголемувањето на функционерските плати помина без никаква галама, одобрено и од опозицијата која има голем број функционери кои беа „погодени“ од силниот раст на функционерските плати. Намалување на функционерските плати сепак ќе оди потешко, имено политичката воља е слаба за носењето на ваква мерка која е фер за сите во државата, освен за „погодените“. Ефектот на намалувањето на платите (зависно од степенот/процентот на намалување) ќе биде позитивен кај граѓаните и бизнисот и врз јавните финансии. Но, исто така новото решение кое се најавува, треба да биде поврзано со оправдени економски параметри наместо да не се претвори во редовно зголемување на паритетна основа. За креаторите на економските политики, растот на платите би било добро да се врзе со нивниот економски мерлив успех – раст на БДП.
Во борбата против растечката инфлација, Владата замрзна дел од цените и најави дека овој тренд ќе продолжи.Во услови на зголемен ДДВ и инфлација која се повеќе го јаде буџетот, дали сметате дека ова се вистинските мерки? Носат ли ли тие повеќе странични негативни ефекти врз трговијата на пример?
-Замрзнувањето на цените е административна мерка и таа има влијание само додека трае. Цените зависат од понудата и побарувачката, затоа мерките на Владата треба да бидат насочени кон подобрување и зголемување на страната на понудата. Народната банка заедно со Владата (платите и надоместоците и јавната побарувачка), пак треба да влијае на страната на побарувачката. Но исто така, потребно е да се следи здружувањето на големите трговци, финансиските институции, фармацевтските субјекти, угостителството,… кога се работи за унифицирањето на нивната ценовна политики (без оглед што повикувањето на причините за зголемување на цените се главно анулирани) и заштита на високата профитабилност. Не постојат јавно познати мерки на антимонополската комисија за реакција против евентуалните појави на здружено дејствување на компании од иста дејност за заштита на својата финансиска позиција на пазарот за сметка на потрошувачите (граѓаните и компаниите).
Со мерката на замрзнување на цените на 20-тина групи на производи, чија примена е продолжена до крајот на 2023 година, трговците ја поместија ценовната политика за остварување на својата профитабилност кон производите кои немаат „гарантирани цени“. Владата треба да ја пресретне ваквата појава со други мерки и политики, кои се познати во економската теорија.
К.В.С.