ВМРО-ДПМНЕ за ОБСЕ самитот: Кога 175 „мерцедеси С класа“ за два дена може да се изнајмат и под 200.000 евра, каде одат 700.000?

од Nikola Popovski
153 прегледи

Што ќе рента Османи за 900.000 евра? Кога 175 мерцедеси С класа за два дена може да се изнајмат и под 200.000 евра, каде одат 700.000 евра, прашуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со организирањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, како завршна конференција на државата која претседава со Организацијата.

Од партијата велат дека „не треба некој да е посебно навлезен во економија за да сфати дека Бујар Османи со тендерот за рентирање на 175 возила од 900.000 евра очигледно некого дебело ќе омрси“.

-Кога ќе се погледнат сајтови на рент а кар агенции низ Европа, се доаѓа до заклучок дека луксузно возило како Мерцедес С класа, кое се смета за класа во која се возат највисоки гости се рента за 450 евра од ден, т.е. за два дена 900 евра. Кога ќе се помножи цената за рентање Мерцедес С класа со бројот на возила кои ги побарува Османи ќе се добие 157.500 евра, сума која е 6 пати пониска од тоа што го дава Османи. Уште потрагично е кога ќе се види дека патничко моторно возило – комбе со 7+1 седиште се рента од 45 до 70 евра на ден, стои во соопштението на партијата.

Во однос на возилата што ќе се користат за спроведување на делегациите, министерот за надворешни работи, Бујар Османи рече дека договорот е рамковен и на повикот се пријавил само еден понудувач. ОБСЕ во Водичот, според кој МНР го подготвува големиот настан, утврдило стандарди за тип, марка, број на возила итн.

-Договорот што го постигнавме со рентакар-агенцијата е рамковен како резервен план. Затоа што ние мора, согласно стандардите на ОБСЕ,  да имаме обезбедено возила за секој министер, за секоја делегација – од денот кога доаѓаат, до денот кога заминуваат. Договорот е направен рамковен, што значи е утврдена цена по возило и по ден, и во договорот јасно стои дека МНР нема обврска да ги користи сите возила, туку толку колку што ќе има потреба. Откако ќе ги исцрпиме сите домашни институционални капацитети, значи министерски возила, возила на СОЗР, комбиња, автобуси, се што ќе може да најдеме, тогаш остатокот што нема да можеме да го обезбедиме ние веќе имаме од каде да обезбедиме возила. Тоа мора да го направиме за да сме покриени во однос на возилата, рече Османи.

Постапката е спроведена по пат на јавен тендер, нагласи тој, при што биле информирани сите  рентакар-агенции, но, за жал, како што рече, имало една понуда.

Слични содржини