НАТО ја осуди одлуката на Русија да се повлече од Договорот за вооружени сили во Европа

од Stefanija Kuzmanovska
171 прегледи

Членките на НАТО денеска ја осудија одлуката на Русија да се повлече од Договорот за конвенционални сили во Европа (CFE), клучен договор по Студената војна, додавајќи дека и тие ќе го суспендираат онолку долго колку што е потребно.

„Повлекувањето на Русија од договорот е последниот во низата потези кои систематски ја поткопуваат евроатлантската безбедност. Како последица на тоа, земјите-членки имаат намера да ја прекинат работата на CFE онолку долго колку што е потребно, во согласност со нивните права според меѓународното право. Ова е одлука која е целосно поддржана од сите сојузници на НАТО“, соопшти НАТО, пренесе „Ројтерс“.

Претходно денеска, Русија официјално се повлече од CFE, кој беше дизајниран да го деескалира потенцијалниот конфликт меѓу Истокот и Западот.

„Тој меѓународно правен документ, кој нашата земја го суспендираше во 2007 година, конечно ни стана историја“, беше објавено на веб-страницата на руското министерство за надворешни работи.

Тој договор од 1990 година, преговаран и склучен на крајот на Студената војна и потпишан една година по падот на Берлинскиот ѕид, постави ограничувања на распоредувањето на воена опрема за одржување на воената рамнотежа меѓу НАТО и тогашните држави од Варшавскиот пакт.

Русија го суспендираше своето учество во договорот во 2007 година и го суспендира активното учество во 2015 година.

Во мај 2023 година, рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за откажување на договорот, кој НАТО го оцени како „поткопување на евроатлантската безбедност“.

Слични содржини