ЕК потврди дека Лавров може да патува во С. Македонија и покрај тоа што е под санкции

од Nikola Popovski
243 прегледи

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров може да отпатува во земја на ЕУ или во Северна Македонија, и покрај тоа што е на европската листа на санкции наметнати врз Русија поради војната во Украина. Ова го потврдил портпаролот на Европската комисија, Петер Стано во врска со информациите дека Лавров оваа недела ќе учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.

Портпаролот објаснил дека оние кои се погодени од санкциите имаат право да патуваат, особено кога нивното патување е поврзано со причината поради која се санкционирани.

-Лавров е санкциониран, но санкциите предвидуваат исклучоци од учество на меѓународни состаноци, посочил Стано, пренесуваат бугарските медиуми.

-Земјите од ЕУ можат да дозволат прелет на авионот на Лавров, како и властите во Скопје да издадат дозвола за слетување и учество на состанокот и тоа нема да биде прекршување на санкциите. Ова ќе ни даде можност да застанеме очи во очи со Лавров и да разговараме за лагите што тој ги шири, додал портпаролот, пренесува „БТА“.

Според него, на ваквите средби ЕУ може да ја претстави својата визија, а санкционираните да одлучат да го променат своето деструктивно однесување.

Портпаролот не можел да потврди дали високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел ќе присуствува на состанокот на ОБСЕ поради неодамнешните настани на меѓународната сцена.

-Планирано е Борел да биде барем на дел од состаноците, но доколку не успее, ЕУ ќе биде претставена на соодветно ниво, прецизирал портпаролот на ЕК.

Слични содржини