Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски предводи делегација од МВР во работна посета на Талин, Естонија, каде оствари билатерална средба со својот естонски колега, министерот за внатрешни работи на Естонија, Лаури Лаанеметс, соопштија денеска од МВР.
Истакнувајќи дека годинава Република Северна Македонија одбележа 28 години од започнувањето на дипломатски односи со Република Естонија, стои во соопштението, Спасовски на средбата ги оценил политичките односи меѓу двете земји како пријателски, со интерес за унапредување на соработката.
– Република Естонија, како поддржувач на политиките на отворени врати во НАТО и проширувањето на Европската Унија, во многу наврати ја потврди поддршката за Република Северна Македонија во евроинтегративните процеси, на 12 јуни 2019 година, естонското Собрание го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, додека истиот беше одобрен од Претседателот на Република Естонија на 17 јуни 2019 година за што искрено и во оваа прилика ви се заблагодаруваме за безрезервната поддршка. Соработката помеѓу двете министерствата за внатрешни работи е на високо професионално ниво но без посебни специфичност, за што ценам дека е неопходно формализирање на полициската соработка, рекол Спасовски.
Притоа, тој го предал изготвениот предлог текст на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Естонија за соработка во борбата против криминалот.
Спасовски појаснил дека текстот на Договорот е во фаза на собирање на мислења од надворешни институции, по што ќе следи владина постапка за усогласување и преговарање на меѓународен договор и негово формално доставување по дипломатски пат.
Договорот има за цел понатамошно развивање и продлабочување на билатералните односи, справување со заедничките предизвици во борбата против меѓународниот тероризам и справување со опасноста од проширување на нелегалното пуштање во употреба на опојни дроги, психотропни супстанци и прекурсори, како и ширење на други форми на меѓународен криминал кои ги загрозуваат безбедноста и другите суштествени интереси на двете држави, а воедно и координирање на меѓусебните активности во борбата против организираниот меѓународен криминал и илегалната миграција, се наведува во соопштението од МВР.
Двајцата соговорници разговарале на повеќе теми меѓу кои справувањето со сајбер криминалот и сузбивањето на илегалната миграција, при што во поглед на справувањето со сајбер криминалот, Спасовски го информирал колегата Лаанеметс дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија покажало исклучителна спремност во справувањето со овој вид на закани, при што се формираше меѓу секторска криминалистичка обработка помеѓу Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за компјутерски криминал и Секторот за меѓународна полициска соработка, со цел успешно справување, размена на информации, обезбедување на електронски докази, размена на информации преку меѓународните канали (Интерпол, Европол), контакт со меѓународни Интернет Сервис провајдери, VPN сервиси и др.
Во делот на илегалната миграција, Спасовски потенцирал дека Северна Македонија, како дел од рутата која мигрантите ја користат изминатите години, успешно се справува со целокупната ситуација.
Естонскиот министер Лаанеметс истакнал дека особено се радува што денеска е домаќин на делегацијата од МВР на Република Северна Македонија предводена од министерот Спасовски. Тој изразил благодарност за можноста двајцата министри да поразговараат на теми од значење за полициската работа особено искажувајќи интерес и споделување на искуството на Република Северна Македонија во делот со справувањето со миграциската криза и миграцијата воопшто и компјутерскиот криминал.
– Подготвени сме да го споделиме нашето искуство и знаење со вас и сметам дека предлогот за потпишување на Договорот помеѓу нашите две Влади во делот на полициската соработка што денеска ни го предложивте со внимание и детално ќе биде разгледан од наша страна и ќе бидете известени за следните чекори кои заеднички ќе ги реализираме, се вели во соопштението.
Спасовски изразил благодарност до колегата Лаанеметс за укажаната чест за средба за размена на искуства и мислења за продлабочување на меѓународната соработка, со уверување дека оваа заедничка средба, иако прва ќе биде почеток на плодна полициска и стратешка соработка помеѓу Министерствата за внатрешни работи на двете земји.
Двајцата министри на средбата се согласиле дека формализирањето на еден ваков договор за полициска соработка ќе претставува чекор напред во оперативната соработка што ќе отвори нови можности и идеи за размена на искуства на нашите полициски служби.