Манчевски: Парите кои државата ги издвојува за продукција ги крадат филмските мафијаши или се трошат на медиокритетски автори и продуценти

Мојот спор не е со Агенцијата за филм, туку само со неколку филмски мафијаши, Салиериевци на кои тато им ги купил кариерите со помош на партиските извршители, истакнува Манчевски

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Нема мали и големи земји, има мали и големи филмови. Проблемот е во заробената држава и заробените институции. Филмот е скап потфат, а парите кои државата ги издвојува за продукција ги крадат филмските мафијаши или се трошат на медиокритетски автори и продуценти, кои никогаш на покажале успех, иако со децении трошат народни пари, вели во интервју за „Локално“ нашиот најуспешен режисер Милчо Манчевски.

Вели дека сите се разочарани од немањето на правда во општеството, од корупцијата, ама сака да верува дека упорноста ќе го победи злото, да верува во институциите, затоа што „алтернативата е апатија и анархија“.

-Мојот спор не е со Агенцијата за филм, туку само со неколку филмски мафијаши, Салиериевци на кои тато им ги купил кариерите со помош на партиските извршители, истакнува Манчевски.

На прашањето како гледа на општествените, културните, меѓународните предизвици пред кои се наоѓа Македонија денес, македонскиот режисер е на мислење дека ситуацијата не е убава, ама пострашно е што таа постојано станува сè полоша.

-Треба да се почне од сопствениот двор – и по прашање на правдина, и работливост, и чесност, и урбанизам, и здравје, и загаденост, и корупција… Треба да се засукаат ракавите, порачува Манчевски во интервјуто.

Милчо Манчевски

Милчо Манчевски

Вашиот спор со Агенцијата за филм е во тек, каков епилог очекувате? Добивате поддршки од сите страни, па дури и од странство…Ќе ја истерате ли правдата?

-Сите сме разочарани од немањето на правда во општеството, од корупцијата, ама јас сакам и морам да верувам дека упорноста ќе го победи злото, да верувам во институциите, затоа што алтернативата е апатија и анархија. Мојот спор не е со Агенцијата за филм, туку само со неколку филмски мафијаши, Салиериевци на кои тато им ги купил кариерите со помош на партиските извршители. Во право сте, поддршка стигна од сите релевантни институции – Антикорупциска, ДЗР, Транспаренси интернешанел, Коалиција за заштита на укажувачи на ЈЕ Европа, дури и од самото Министерство за култура, а од странство поддршка против политичкиот прогон пристигна од најстариот и најреномиран фестивал на светот – Венеција, од Меѓународната федерација на филмски критичари, од Здружението на филмски работници на Италија… Правдата мора да се истера, нема друго.

Што и недостасува на Македонија да стане земја чиј производ, односно македонскиот филм, би можел да послужи за поголема промоција? Каде грешиме како земја, секако таленти не недостасуваат…

-Македонија е присутна на светската сцена уште од „Пред дождот“ и од тоа кога „Прашина“ го отвори Венецискиот фестивал. „Кајмак“ е продаден во речиси 50 земји. Има и млади автори кои се наметнуваат. Нема мали и големи земји, има мали и големи филмови. Проблемот е во заробената држава и заробените институции. Филмот е скап потфат, а парите кои државата ги издвојува за продукција ги крадат филмските мафијаши или се трошат на медиокритетски автори и продуценти, кои никогаш на покажале успех, иако со децении трошат народни пари.

Каков жанр на македонски филм недостасува, по ваше мислење? Дали пресериозните теми им здодеаја на гледачите?

-Мислам дека жанрот не е пресуден, туку дека е најважно филмот да биде добар, да биде искрен. Моите филмови не се лесни, „комерцијални“, а пак се секогаш најгледани филмови во Македонија, и се продаваат и по светот. Верувам во квалитет.

Во една прилика имате изјавено „Животот е прекраток за лоши филмови и повторувања“. Што според вас е добар филм и кои елементи еден добар филм треба да ги поседува?

-Треба да биде резултат на чесен однос на авторите кон темата што ја обработуваат, како и на талент.

Што стои зад секој ваш успех – работа, знаење, упорност, или нешто друго?

-Отсекогаш бев скроз одличен ученик. Напиши си ја домашната, чесно пријди му на материјалот. Талентот е само плус. Пикасо наводно рекол: „Кога ќе дојде инспирацијата, треба да те затекне како работиш.“

Скопје или Њујорк, од каде Манчевски може да извлече повеќе инспирација за творење?

-И едното и другото. Има приказни и теми и души за кои треба да се зборува и во Скопје и во Њујорк. Јас го претпочитам односот на зедницата кон уметникот и кон творењето во Европа.

Од сетот на „Кајмак“

Од сетот на „Кајмак“

Кајмак се прикажува секаде низ светот, критиките се позитивни. Може ли да се каже дека темата е табу за нашиот народ?

-Па, според тоа што „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија лани, не би рекол дека е табу тема. Во секој случај, должност на уметникот е да зборува за табу темите, да им помогне на луѓето да се справуваат и да размислуваат.

Можеби малку излитено прашање, но „доколку ви зависи животот“ од тоа да кажете на кој свој филм најмногу се гордеете, дали тоа би бил „Пред дождот“?

-Сите ми се убави на различен начин. Мислам дека „Бикини Мун“ и „Прашина“ имаат еден авторски безобразлук, кој мене ми е значаен и убав, ама тој авторски безобразлук е можеби најчист токму во „Мајки“.

За кој ваш филм сметате дека добил помалку признанија отколку што заслужува,ако е познато дека „Пред дождот“ доби Златен лав и номинација за Оскар?

-Тоа е прашање за оние што ги доделуваат признанијата, а не за мене. Во секој случај, квалитетот на филмот нема многу врска со признанијата.

Со главната актерка од филмот „Бикини мун“

Со главната актерка од филмот „Бикини мун“

Како Милчо Манчевски гледа на општествените, културните, меѓународните предизвици пред кои се наоѓа Македонија денес?

-Ситуацијата не е убава, ама пострашно е што таа постојано станува сè полоша. Треба да се почне од сопствениот двор – и по прашање на правдина, и работливост, и чесност, и урбанизам, и здравје, и загаденост, и корупција… Треба да се засукаат ракавите.

Што е следно за најуспешниот македонски режисер?

-Следно чекам против гангстерите од филмската мафија да се постапи како што предвиде Антикорупциска – со кривични пријави и разрешувања. А на креативен план, пак, деновиве ќе излезе од печат мојата книга „Манчевски: Пет есеи“ во издание на Филозофското друштво на Македонија.

Н.П.

Слични содржини