Заменикот на германскиот канцелар и министер за економија Роберт Хабек изјави дека екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) планира да ја трансформира Германија во авторитарна држава слична на Русија, пишува „Гардијан“. Со тоа индиректно ја поддржа забраната на партијата.
Една недела откако се дозна дека членовите на партијата учествувале на состанок на кој се разговарало за масовни депортации, наводно на германски државјани, Хабек рече дека опасноста што партијата ја претставува за демократијата била сериозно потценета.
На петтата ноќ од протестите против АфД, десетици илјади луѓе излегоа на улиците на германските градови. Се чини дека Хабек ја поддржува забраната на партијата, но во исто време го нагласува ризикот од овој потег. „Потегот би предизвикал огромна штета доколку биде неуспешен. Затоа, доколку биде покренат, сигурно мора да помине на суд. Треба внимателно да се разгледа“.
Одлуката за забрана на партијата е на германскиот Уставен суд. „Пречките за забрана се, како што и треба да бидат, многу високи“, продолжува Хабек. „Би било многу подобро ако АфД беше демократски поразена на изборите“, додаде тој. „Десните радикали се лицемерно загрижени за напад на суштината на демократијата“, рече Хабек. „Тие сакаат да ја претворат Германија во земја како Русија и систематски се подготвуваат за тоа“, додава тој.
АфД се помести на десната страна од своето основање во 2013 година. Таа бележи постојан пораст на популарноста во последниве месеци, а во некои анкети ја надмина популарноста на владејачките партии.
Проблематичен состанок
Во текот на изминатата недела, медиумите и политичките набљудувачи испитуваа докази за тоа кој бил меѓу членовите на АфД на собирот во Потсдам во ноември.
Во средата, Werte Union, која себеси се нарекува „архиконзервативно движење“ во рамките на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината сестринска партија ЦСУ, призна дека двајца нејзини членови биле присутни.
Werte Union, која се обидува да ја ограничи имиграцијата, да ја зајакне германската војска и да ги намали даноците, го обвини истражното биро Correctiv, кое откри дека состанокот се одржал, за преувеличување на содржината на агендата. Истовремено, призна дека се разговарало на темата за „ремиграција“. Werte Union соопшти дека нивните членови биле поканети како приватни гости, а не како партиски претставници.
Претседателот на Werte Union, Ханс-Георг Масен од ЦДУ, неодамна ги објави своите планови за трансформирање на движењето во независна партија. ЦДУ се обидува да го исфрли.