И покрај сите контроверзи, на Европската унија не ѝ е доста од вакцината против ковид, пишува „Политико“.
ЕУ подготвува тендер за речиси 150 милиони дози mRNA вакцини против ковид, надоградени со нови доминантни варијанти на коронавирусот, а голема е веројатноста дека новиот договор ќе ѝ биде доделен на „Модерна“.
Времето на објавување на тендерот, според многумина, не е соодветно.
Бидејќи заканата од пандемијата се повлече и на луѓето веќе ги пропуштаат закажаните термини за вакцинација, членките не можеа доволно брзо да ги искористат своите резерви на вакцини против ковид.
До лани фрлени беа најмалку 215 милиони дози со поминат рок, што ги чинеше даночните обврзници четири милијарди евра.
Во исто време, „Фајзер“ ги тужи Унгарија и Полска, откако тие престанаа да плаќаат за нивниот дел од нарачката за вакцини, наведувајќи го наводниот недостаток на потреба од дополнителни дози.
Европската комисија сега е под притисок од европските лидери за јавно здравје да обезбеди повеќе од една вакцина за да им понуди на луѓето избор и за да го ублажи ризикот во случај на идни закани за синџирот на снабдување.
Дополнително, вакцинацијата против ковид ќе биде актуелна уште некое време. Вирусот е сè уште со нас, мутира и предизвикува болести и смрт, а вакцинацијата на старите и ранливите луѓе против ковид веројатно ќе биде стратегија за јавно здравје во годините што доаѓаат.
Европа повеќе не се сопнува на истиот камен.
Овој последен тендер се однесува на „проценети“ 146 милиони дози за 24 месеци, со пропишана можност за продолжување на 12 месеци двапати.
Освен проценка, нема конечна бројка на дози бидејќи се работи за договор за заедничка набавка. Тоа значи дека без разлика кој ќе победи на тендерот, земјите нема да имаат никаква обврска да ги купуваат дозите за кои се предрегистрирани. Ова им дава поголема моќ на земјите да изберат дали им се потребни или не повеќе дози.
Дури 18 земји од ЕУ аплицирале, меѓу кои и Норвешка и Северна Македонија, што укажува на голем интерес за уште една вакцина против ковид. Натпреварот го води Управата на ЕУ за подготвеност и одговор за итни случаи во здравството (ХЕРА).
И додека на пазарот во моментов има два производители на вакцини mRNA против ковид, „Фајзер“/„Бионтех“ сè уште е обврзана со својот долгорочен договор, па веројатно овој нов тендер ќе ѝ припадне на „Модерна“.
Модерна потврди за „Политико“ дека компанијата има намера да аплицира, додавајќи дека договорот „ќе им овозможи на земјите-членки да обезбедат пристап до разновиден опсег на вакцини против ковид базирани на mRNA во 2024 година и понатаму“.