Поранешниот прв човек на Алијанса за Албанците и член на раководството на партијата, Зијадин Села информира дека засега нема договор за никаква коалициска понуда со друга политичка партија.
-Од средбите што неодамна ги остварив со шефовите на ограноците и другите партиски структури, исто така, информиран сум дека никој од нив не знае за писмена понуда врз основа на што треба да се одлучи. Поединецот, во овој случај претседателот на партијата не е орган на одлучување, тој има право да предлага до органот кој има право да одлучува, а тоа е Претседателството на партијата кое во моментот има една одлука, а тоа е дека Алијансата за Албанците ќе настапи сама на изборите. Друго тело за одлучување е партиското собрание, објави Села на социјалните мрежи.
Според него, иницијалниот настап на Таравари на Фејсбук е тешко кршење на Статутот на партијата за кој претседателот на партијата мора да одговара пред партиските органи.
-Обидите на претседателот на партијата ставот искажан преку социјалните мрежи да го прикаже како лична одлука е кукавички чин кој сериозно ги нарушува идеолошките линии на Алијанса за Албанците, напиша Села.
Ваквите Фејсбук преписки доаѓаат откако претходно и Таравари и генсекот на АА, Кренар Лога објавија на социјалните мрежи за евентуалниот настап на партијата на изборите. Лидерот на АА бара партијата да оди заедно со здружената албанска опозиција, додека министерот за правда посакува самостоен настап на престојните парламентарни и претседателски избори.