Покетино пред финалето: „Сакаме фер судење“

од Vladimir Zorba
384 прегледи

Ливерпул и Челси утре од 16 часот на стадионот „Вембли“ го играат финалето на ЕФЛ купот. Како што наближува финалето, така се зголемуваат тензиите, а тоа се виде и на конференцијата на Маурисио Покетино, кој директно им се обрати на судиите.

„Црвено-сините“ ќе се борат за првиот трофеј сезонава, а колку тоа им е важно на двете екипи покажува апелот на Маурисио Покетино судиите да дозволат победа на подобриот тим. Имено, аргентинскиот стручњак не беше задоволен од арбитражата на претходната средба меѓу Ливерпул и Челси која се одигра на „Енфилд“ и им испрати отворена порака на судиската петорка:

„Мораме да се погрижиме да бидеме рамноправни во секоја судиска одлука, со оглед на тоа што ова е големо финале. Сакаме да бидеме третирани на вистински начин во утрешното финале“, започна Покетино и потоа додаде:

„Кога игравме на „Енфилд“, ниту една од клучните одлуки не одеше во наша корист. Два пенали не ни беа досудени. Дуелите кои беа 50-50, секој беше во корист на Ливерпул“, вели Аргентинецот.

Поранешниот тренер на Тотенхем и ПСЖ истакна дека Ливерпул е одличен тим и дека не сака да им ја намалува силата, туку дека утре сака рамноправен однос.

„Секогаш сум првиот што кажува дека Ливерпул е фантастичен тим и дека Клоп е еден од најдобрите тренери, но по моето последно искуство таму, сакам само да играме под исти критериуми на Вембли и да дозволиме подобриот тим да победи. “, заклучи Покетино.

Слични содржини