Ванковска откри зошто нема да гласа во вториот круг од претседателските избори

од Nikola Popovski
331 прегледи

Професорката Билјана Ванковска, која беше кандидатка за претседателка на државата во првиот круг од претседателските избори, објави на социјалните мрежи зошто нема да гласа во вториот круг. Обвинува дека била „под постојан брутален притисок од најголемата опозициска партија и нејзините кучиња и мегафони“.

-Ќе го тргнам настрана фактот што Мицкоски почна со навреди за измеќарка (без никаков повод). Очекував од Силјановска да ми се извини во негово име, но таа молчеше. Нештата станаа појасни кога пред ТВ камери кажа да не очекуваме од неа јавно да му се спротивставува на Мицкоски. Значи, очекувајте меден месец на владата и претседателката ако успее операцијата. Сите што не се за нив, се најголеми непријатели, порача меѓу другото Ванковска.

Според професорката, „би било лага доколку сите гласачи што гласале за неа во првиот круг, сега би ги повикала да гласаат за помалото зло“. Како што објави, „би си поплукала на себе и на својата програма“.

-Јас замолчувам уште сега што се однесува до политичките работи. Секој од нас со својот ум и совест. Тоа е демократија, и ништо друго! Ќе беше подемократски да не ме принудеа јавно да кажам што ќе правам со своето ливче, но претераа – и ова е мојата пресметка со тие „кучиња на политиката“ на кои им течат лиги од помислата дека ќе добијат привилегии веднаш по изборите, стои во објавата на Фејсбук на Ванковска.

Денеска е последен ден од кампањата за двојните избори в среда. Молкот почнува на полноќ и ќе трае до затворањето на гласачките места в среда во 19 часот. Граѓаните ќе избираат претседател и пратеници во Собранието.

Во вториот круг од претседателските избори ќе се соочат кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и професорка, Гордана Силјановска-Давкова и претседателот и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски.

Слични содржини