ССМ не прифаќа ревизија на недела неработен ден, потсетува дека не се работи и во сабота

од Nikola Popovski
78 прегледи

Сојузот на синдикати на Македонија останува на првичниот став за недела неработен ден и се спротивставува на барањето на Стопанската комора на Македонија за ревизија на Законот за  работните односи.

Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов истакнува дека работниците во Македонија веќе се соочени со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати.

-Нагласуваме дека недела неработен ден врати малку од работничкото достоинство, а на претставниците од Стопанската комора им порачуваме дека со ваквите нивни ставови и ниските плати кои ги даваа на работниците предизвикаа егзодус на квалификуваните работници од Македонија. Истовремено, ги потсетуваме дека и сабота е неработен ден за работниците во Македонија поради тоа што во Македонија, по правило работната недела трае пет работни денови, истакнува Трендафилов.

Според првиот синдикалец, доколку продолжат со ваквиот однос кон работниците, за многу брзо време работници ќе нема, а газдите сами ќе треба да ги засукаат ракавите и да работат.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески вчера побара елиминирање на сите прашања кои што ги наметнуваше бизнис-заедницата во изминатите 10 години, меѓу кои што е и прашањето за недела неработен ден и многуте неработни денови, кои, како што вели Азески, создаваат проблеми во работењето на компаниите. Според него, мора овие прашања да бидат земени како пакет.

-Баш би сакал да се видам со синдикатите бидејќи одамна не се дојдени. Време е да седнеме и со нив. Ние имаме аргументи за тоа и не ги криеме, ги изнесовме јавно, тоа беше и Уставен суд. Нема анализа за овие закони, а тие директно брцаат во џебот на бизнисот, кажа претседателот на СКСМ, запрашан дали ќе побараат ревизија на недела неработен ден и констатацијата на една од новинарките дека „ќе ги изедат Синдикатите“ околу тоа прашање.

Законското решение за недела неработен ден стапи на сила од 01-ви јануари 2022 година. Со измените, 92 отсто од работниците не работат во недела, а 8 проценти од работниците кои работат во техничко-технолошкиот процес кој не може да биде прекинат, добиваат 50 отсто повисока дневница и дополнително еден слободен ден во текот на наредната недела. Законот предвидува вработените во трговските центри, кои ќе работат во недела да добиваат двојно повисока дневница, а дополнително 2 проценти од прометот, остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници да биде наменет за изградба на нови детски градинки.

Непочитувањето на ова законско решение го утврдува Државниот инспекторат за труд и на работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од  15 дена, а доколку го повтори прекршокот во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата.

Слични содржини