(ФОТО) Ќе избега од Македонија или ќе одговара пред законот? Монструозен лов со метални стрели: Жителите од Хиподром бараат правда за уличните миленици

од Илинка Илиоска
286 прегледи

Жителите на скопската населба Маџари, во близина на Хиподром, веќе долго време се сведоци на сурово насилство врз уличните животни, кои биле ранети со метални стрели. Татјана Петровска, една од жителките и сведок на повеќе од овие страшни настани, за „Локално“ детално раскажа за траорните моменти кога го пронашла повредено кучето Нуни, за кое секојдневно се грижи. За разлика од многу претходни случаи каде сторителите остануваат непознати, сега се знае дека станува збор за младо момче, кое, заедно со две малолетни деца – едно од нив ученик во основно училиште – ги извршува овие акти на насилство.

„Нуни, таа е нашата премила и мирна кучка за која се грижиме во населбата. Утрото отидов да ја нахранам, но таа не беше ни весела, ниту трчаше по мене како што прави секогаш. Видов дека имаше отворена рана, имаше крв, но не се гледаше дека има нешто во телото. Набргу ѝ се појави грутка и решив да ја однесам на ветеринар. И, таму доживеав шок кога докторот извади метална стрела која и била блиску до срцето. Стрелата е тешка и долга е околу 20 сантиметри, ѝ шетала низ телото“, раскажа Петровска.

Таа прво сама отишла во полиција да пријави и да посочи на сериозноста на ситуацијата. Но, набргу на Фејсбук апелираа и други жители кои нашле повредени мачки. Една од нив со иста таква метална стрела била повредена на главата, друга на телото.

Згрозени и исплашени бидејќи животните биле повредени во близина на детската градинка „Пони“ и на други места каде што има училиште и  детски игралишта, а секогаш има и случајни минувачи тие велат: „Да си ги приберете ѓаволите по дома и да си ги воспитате, сите граници ги поминаа. Еве вака се однесуваат децата низ Хиподром. Ова што го гледате е мало маче со стрела во себе. Идиоти изроди…“

„СЛЕДНО КЕ БИДЕ ЧОВЕК , СТВОРЕЊЕТО ПОД ХИТНО ВО ИНСТИТУЦИЈА“

„Еве ја мацa, јаде, пие и плаче… низ што поминуваат животните кај нас, а и каков стрес и болка ние чувствуваме. Дали некогаш ќе профункционираме како нормален народ кој има емпатија? Разбирливо е да има и по некој психопат, ама кај нас некако премногу СЕ. Не разбирам како може некој да ужива во ова“, пишува во друга објава на Фејсбук.

Петровска изјави дека, по нејзиниот апел да се соберат сите што имаат некоја информација за повредени животни на ваков начин, во понеделникот околу 15 луѓе отишле во полициската станица во Автокоманда да пријават.

„Бевме во полициската станица во Автокоманда. По разговорите со полициските инспектори, сега пишуваме и групна пријава против монструмот кој со оружје, харпун или самострел периодов застрела многу кучиња, мачиња, а и птици“, рече Петровска.

Таа е изненадена дека, иако детално објасниле сè што се случувало,  во полиција ја информирале дека сторителот ќе биде обвинет само за малтретирање и убивање животни.

📸 Редовно некој пука и убива животни, но истрагите на МВР тапкаат во место

“Ние, исто така укажавме дека тоа момче заедно со другите две деца претставуваат и општа опасност по секој од нас затоа што и покрај сознанието за нашата масовност и упорност, тој продолжи со стрелање и крвопролевање“, рече Петровска и објасни дека локалното население е вознемирено поради постојани акти на насилство кон улични животни, но и заради други инциденти кои ги предизвикало момчето.

„Тој летово ја запали куќичката на кучето која беше покрај трговскиот центар, а колите на соседите беа паркирани на само 30 сантиметри од местото“, изјави Петровска, наведувајќи дека ова не е изолиран инцидент, а има многу голема можност момчето да избега од Македонија затоа што веќе подготвува документи за во странска амбасада.

Слични инциденти забележале и други жители. Три деца со фантомки и запалка се обидувале да запалат сува трева во непосредна близина на куќи.

Најтревожен аспект, според Петровска, е тоа што момчето што стрела во животните тоа го прави веќе две години но неговите родители и роднини го штитат.

Локално побара одговори од МВР, но случајот со брутално насилство врз животни во Хиподром останува без одговор

Полицијата засега не одговори на неколку клучни прашања поврзани со постапката по пријавата, иако јавноста ги очекува следните одговори:

  • Дали се преземени мерки по пријавата и колку животни биле повредени?
  • Какво оружје користел осомничениот, и дали станува збор за харпун за лов на големи риби?
  • Дали е извршен претрес во домот на осомничениот и дали поседува огнено оружје, бидејќи според сведоци, неговото семејство има и пушки?
  • Дали МВР постапува и против две малолетни лица кои наводно се под влијание на осомничениот и учествувале во малтретирање на животни?

Според Кривичниот законик, се очекува пријавениот да биде соочен со соодветни обвиненија, а јавноста поставува и прашање дали обвинителот е информиран за случајот.

До објавувањето на оваа вест, одговор од МВР сè уште не е пристигнат.

Дали сторителот сам изработува оружје?

Во недостаток на одговори од надлежната институција и за подетална информација за видот на оружјето „Локално“ разговараше со Наќе Батев,  лиценциран риболовец и љубител на природата и животните.

Според него, харупунот е забранет за лов и риболов бидејќи претставува опасно оружје. Исто така според фотографиите стрелите личат како да се рачно изработени, што укажува дека момчето веројатно поседува харпун, но стрелите ги изработува сам.

„Вакво оружје не поседува некој што е совесен риболовец туку некој крволочник“, рече Батев.

Реагираат и активистите, бараат итна интервенција од полицијата

Здружението за заштита на животни, Анима Мунди повикува на итна истрага и строга казна за сторителот кој, како што се наведува, повеќепати целел кон мирни маалски животни, вклучувајќи кучиња и мачки, во околината на детската градинка „Пони“, основното училиште „Вера Јоциќ“ и детските игралишта полни со деца.

„Еден од милениците, кучето Нуну, кое децата го обожуваат, преживеало болна повреда и било итно однесено на ветеринар. Мачките, пак, претрпеле сериозни рани, а едно животно останало преплашено и повредено со метална стрела во телото.

Граѓаните се загрижени и гневни, па веќе го пријавиле случајот во полициската станица Автокоманда, барајќи итна поддршка. Според нив, осомничен за делото е 18-19 годишно момче од населбата, кое е видено со самострел и се спомнува како агресивно и во рамките на семејството“, истакуваат од здружението.

Анима Мунди апелира дека додека насилството врз животните не се третира како сериозна психосоцијална девијација и опасност за сите, ваквите случаи ќе станат почести. Потребни се итни мерки, одговорно постапување од страна на МВР и службите за ментално здравје, за да се спречи понатамошно насилство врз животните и заштитат локалните жители.

И.И.

Слични содржини