Играчот од средниот ред на Тотенхем, Родриго Бентанкур ќе биде казнет со седум натпревари суспензија поради расистички коментари. Тие беа поврзани со јужнокорејското потекло на неговиот тимски колега Хјун-Мин Сон. Во јуни, Бентанкур беше запрашан во една ТВ-емисија во неговата татковина дали има дрес на Сон, на што тој одговори: „На Сони? Можеби е и на неговиот братучед затоа што сите Корејци се горе-долу исти“.
Бентанкур веднаш јавно се извини, а Сон го прифати извинувањето на Уругваецот и се застапи за него. Сепак, ФА формално покрена обвинение против него во септември. Тој би можел да добие казна од шест до 12 натпревари, а според „Сан“, Уругваецот веќе дознал дека забраната е на седум натпревари. Тоа значи дека Анже Постекоглу нема да може да го користи до втората половина на декември.
Од почетокот на сезоната има девет настапи во Премиер лигата и еден гол.