И утрово немаше доволно автобуси на ЈСП

од Nikola Popovski
85 прегледи

Јавниот превоз и утрово е редуциран и преполовен поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП Скопје. Возеа само дел од двокатните автобуси кои се движат на нафта. Голем број од граѓаните долго чекаа на автобуските станици, со оглед дека дел од автобусите кога ќе пристигнеа беа преполни со луѓе.

По улиците можат да се забележат 25-те еко-автобуси од кои 20 се единечни и 5 зглобни кои пред четири години пристигнаа во земјава по договорот на градската администрација со германскиот производител МАН.

Дел од граѓаните одлучува да ги делат своите автомобили со непознати, заеднички стигнувајќи на своите дестинации. На Фејсбук кружат и објави со апел до граѓаните да се солидаризираат со патниците на кои им е потребен превоз.

Последниот развој на настаните следува откако ЈСП Скопје не добило нафта за останатите автобуси од фирмата добавувач „Пуцко петрол“ оти има долг.

Од претходно приватните автобуски превозници донесоа одлука да возат редуцирано незадоволни од како што велат немањето слух кај надлежните за нивното барање за повисок надомест за изминат километар. Тие возат само по 18 часот.

Проблем со горивото имаше и изминатиот викенд, но од Град Скопје соопштија дека автобусите на ЈСП од почетокот на работнава недела ќе сообраќаат редовно.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески информираше дека Советот денеска ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот.

Од Град Скопје велат дека ова е смислено сценарио некој сака да го уништи и приватизира јавниот превоз, бидејќи била поништена редовната јавна набавка на гориво.

„Нова криза која го остава ЈСП без нафта, а скопјани без јавен превоз како смислено сценарио за урнисување на претпријатието. За прв пат од постоењето на претпријатието се поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП“, велат од Град Скопје.

Град Скопје да не шири политикантство, туку да ги запази законските рамки-реагира Бирото за јавни набавки.

-Бирото за јавни набавки постапува професионално. Град Скопје навреме да реагира и да ги искористи законските рамки кои му стојат на располагање да се задоволат итните потреби за гориво до завршување на редовната постапка, стои во соопштението од Биро за јавни набавки.

Слични содржини