Женското новороденче било во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување, велат од Прилепската болница

од Nikola Popovski
44 прегледи

Прилепската болница денеска излезе со детали за починатите новороденчиња од прилепскиот регион. Според соопштението на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески” – Прилеп, мајката на бебињата се породила на претпоследниот ден од 2024 година. Близначињата биле недоносени и родени во 34-та гестациска недела.

-Првото новороденче, машко, е со родилна тежина од 1970 грама, а второто, женско, со тежина од 1780 грама. На 10.01.2025 година, по барање на мајката и со нејзин потпис, новороденчињата се испишани од болницата. На 16.01.2025 година, во 10:45 часот, на Одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина, информираат од „Борка Талески“.

Му била извршена реанимација на женското новороденче, било поставено во топли ќебиља и применети биле дополнителни мерки за затоплување. Сепак состојбата продолжила да се влошува.

-Во 13 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче. Изразуваме длабоко жалење за загубата и остануваме посветени на обезбедување најдобра можна грижа за сите пациенти, стои во соопштението на Прилепската болница.

Според јавниот обвинител Стевчо Биноски, новороденчињата биле во тешка здравствена состојба. Семејството од домот во прилепското село Славеј повикало Итна помош. Семејството живее во екстремно лоши услови и има уште три деца. Дежурниот јавен обвинители информира и дека денес ќе се врши обдукција врз телата на починатите новороденчиња.

Од Центарот за социјални работи велат дека откако биле инфoрмирани ги презеле законските мерки. Најавија прес-конференција за денеска во 12 часот.

Слични содржини