„Од Десна ми рекоа да внимавам што зборувам за да не пропаднам во бунар“, вели главниот сведок во процесот против Палевски за двојното убиство

од Nikola Popovski
491 прегледи

Во Скопскиот кривичен суд ново рочиште за убиствата на Вања и на Панче. Сослушан сведокот Гоце Трајковски, кој до неодамна беше во бегство. Тој заедно со таткото убиеното девојче Вања, Александар Ѓорчевски, според досегашните искази на другите сведоци, бил во потрага по Вања и прибирал и гледал видеоснимки од околните објекти.

Рече дека добил закани по живот од профили на социјалните мрежи. Според сведочењето, заканите ги добил од членови на партијата Десна, за да внимава што ќе зборува за да не пропадне во бунар. Им порача да не му се закануваат од партијата, бидејќи тој не е 14-годишно девојче или стар човек.

Појасни дека не познава никого од обвинетите, освен Александар Ѓорчевски. Како што информира, првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо бил зет за прва братучетка на мајка му Кираца Трајковска.

-Со Александар се немав слушнато 15-20 години. Мајка ми рече да му се јавам, имам луѓе секаде, и да го прашам дали му треба помош. И реков дека ми е глупо дека се немавме слушнато со години. Мајка ми вечерта пак ми рече да му се јавам. Ми го даде бројот и му пишав порака да ме побара доколку му треба помош. Ми врати дека е во полициска станица и кога ќе излезе ќе ме побара, сведочеше Трајковски.

Сведокот говореше и дека се обратил кај другар во „Сејф-сити“ да му провери, а од таму бил информиран дека веќе се трага за автомобилот на сега веќе починатиот Панче. На прашање од каде им дошла идејата за сами да ги бараат снимките Трајковски рече „полицајците биле собрани и ништо не работеле биле собрани како да играат жмурка“.

-Од анализите на снимките и колите кои поминуваамене ми падна чудно што сите возила возеа со 40-50 километри на час, кога помина „цитроенот“ возеше со 10 километри на час и многу димеше ауспухот и стаклата му беа замаглени. Направив скриншот од 15-те возила и 3-4 лица кои поминуваа и ги препратив сите кај другарот од ,сејв сити’, после отидов кај „Правда“ кафичот да барам други камери. Од кога му ги пратив скриншотовите ми се јави другарот од „Сејф сити“ ми вика кај ја најде колава, ја бараме три дена од исчезнат велешанец. Ги препратив сите возила кои поминуваат од 7:20 до 7 :35 часот. Му реков на таткото да отиде до менувачницата, затоа што имаат добра резолуција, рече Трајковски.

Тој е последен сведок на предлог на Обвинителството. Гоце требаше да сведочи на почетокот од постапката, кога беа сослушани и другите сведоци, меѓутоа, поради здравствени причини тоа не се случи, а потоа не беше достапен на органите на прогон поради друго кривично дело. На 23 јануари ѝ се предаде на полицијата и оттогаш е во притвор.

Слични содржини