Состанокот помеѓу претседателите на Украина и Соединетите Американски Држави, Володомир Зеленски и Доналд Трамп, крена голема прашина. Иако требаше да биде потпишан договор за ретки минерали и со тоа да се направи значаен чекор кон договорот помеѓу Русија и САД, кој треба да стави крај на вооружените конфликти на истокот на Европа, не се случи, откако Трамп и Зеленски имаа вербална расправа.
Иако комуникацијата помеѓу Зеленски и Трамп заврши неуспешно, разговорот помеѓу двајцата претседатели започна со позитивен тон, а Зеленски во знак на благодарност кон Трамп кој е познат како љубител на боречките вештини, му го подари појасот на светскиот шампион во тешка категорија, славниот Олександар Усик, единствениот спортист кој ги има освоени сите четири титули во крузер и тешка категорија, и еден од ретките кој успеа да ги порази Ентони Џошуа, Даниел Дубоа и Тајсон Фјури на патот до 23-те победи.
Но и покрај таквиот подарок, разговорите не поминаа најдобро во Овалната Соба откако Зеленски се обиде да го образложи својот став за ситуацијата во Украина, за да во истиот момент потпретседателот Џејмс Дејвид Венс му го одземе правото на збор, а заедно со Венс се приклучува и Трамп кој нагласи дека украинскиот претседател ,,не ги држи картите во свои раце”. Зеленски ја напушти белата палата со празни раце, но Трамп е побогат за појасот на Усик.