Европските лидери мора да дејствуваат за безбедноста на континентот, момент што се случува еднаш во генерација, изјави британскиот премиер Кир Стармер на почетокот на состанокот за одбрана за Украина во Лондон.
Стармер е домаќин на европските лидери собрани во Ланкастер Хаус во близина на Бакингемската палата. Покрај украинскиот претседател Володимир Зеленски, на самитот се присутни генералниот секретар на НАТО Марк Руте, канадскиот премиер Џастин Трудо и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
„Денеска сме собрани овде затоа што ова е момент кој се појавува еднаш во генерација за безбедноста на Европа и сите ние мора да направиме разлика“, рече премиерот на британија на почетокот на средбата. Добриот исход за Украина „е од клучно значење за безбедноста на секоја нација овде, и на многу други“, продолжи тој.
Целиот свет беше сведок на расправијата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот. Републиканецот го обвини Украинецот дека се коцка со Третата светска војна и дека е полн со омраза кон рускиот претседател Владимир Путин.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте пред средбата во Лондон изрази оптимизам за средбата преку објава на социјалната платформа Х. Руте истакна дека сите во Европа мора да ја поддржат Украина, и мора се да се стори да се постигне мировен договор, но таков што ќе трае, но и дека европските земји мора да ги зголемат трошоците за одбраната доколку сакаат да ја задржат силата на НАТО.