СДСМ без конкретен одговор на прашањето на Локално дали партијата размислува да го разреши членот на ЦО и советник на Зоран Заев, Филип Андов Сокол.
Од прес центарот на најголемата опозициска партија до Локално испратија одговор со соопштенија кои се објавени на официјалната веб страна на партијата а веќе се познати на јавноста, но не прецизираа какви чекори ќе преземе партијата во врска со барањата на ВМРО-ДПМНЕ која обвинува дека членот на ЦО и советник на поранешниот премиер Зоран Заев работел спротивно на законот додека бил директор на затворот во Шутка.
Во едно од соопштенијата кои ги достави опозициската СДСМ до редакцијата на Локално, опозицијата ја обвинува владејачката ВМРО-ДПМНЕ за дефукус на јавноста со притисок врз функционери на нивната партија.
“Секогаш кога власта ќе направи некаква глупост или нејзините погрешни политики ќе доживеат дебакл, како што деновиве се случи на меѓународен план со Резолуциите во ОН и со падот на економијата, гледаме како се поднесуваат кривични пријави и се лиферуваат имиња во јавноста за предвремена јавна осуда и политичко етикетирање,, стои во соопштение објавено на 27.02.2025 година.
Во другото соопштение кое беше доставено до редакцијата на Локално опозицијата обвинува дека сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ е партија на осудени криминалци кои според опозицијата се симбол за корупција, но без конкретен став и одговор на нашето прашање.
“Од Груевски, преку Јанакиески и Јанкуловска… ДПМНЕ никогаш не се откажа и не се огради од ниту еден од криминалната структура во нивните редови а Игор Јанушев им е еден од главните во Владата и денеска,, стои во соопштението објавено на 02.03.2025 година.
А додека има молк од опозицијата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја обвини СДСМ и претседателот Венко Филипче дека штитат докажан криминалец.
„Филипче да соопшти на јавноста зошто молчи и не го разрешува членот на ЦО и советник на Зоран Заев, криминалецот Сокол. Со што толку ги задолжил криминалецот Сокол, СДСМ и Филипче што не се оградуваат од него? Дали Филипче и СДСМ го поддржуваат Сокол и штитат криминалци?“, се вели во соопштението.
Инаку, Филип Андов – Сокол, доскорешниот директор на затворот Шутка во Скопје се товари за злоупотреба на службена положба за што од владејачката ВМРО-ДПМНЕ обинуваа дека директорската позиција на затворот ја користел и издавал наредби осудени криминалци слободно да се шетаат во и надвор од затворот.
Д.Ѓ