Кина возврати со зголемување на царините со објавување нови царини за клучниот увоз на земјоделски производи од Соединетите држави и воведување дополнителни ограничувања за американските компании.
Кинеското Министерство за трговија објави дека Кина на 10 март ќе воведе царини од 15 отсто за пилешко, пченица, пченка и памук од САД. Другите земјоделски производи, вклучително соја, свинско и говедско месо, подлежат на дополнителна царина од 10 проценти. САД извезуваат најголем дел од своите земјоделски производи во Кина. Кина, исто така, најави дека повеќе американски компании ќе бидат додадени на листата на несигурни субјекти, што може да доведе до ограничувања или целосна забрана за водење бизнис во Кина.
Овој потег доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп со извршна наредба ги удвои царините за кинески увоз од 10 на 20 отсто. Белата куќа го оправда зголемувањето поради континуираниот шверц на фентанил од кинеско производство во САД. Во меѓувреме, тарифите за стоки од Мексико и Канада, исто така, стапија на сила.
Казнените царини од 25 отсто на канадскиот и мексиканскиот увоз претставуваат остра ескалација на трговските тензии, зголемувајќи ги стравувањата од трговска војна во Северна Америка со непредвидливи последици за глобалната економија.
Белата куќа на почетокот на февруари соопшти дека тарифите се одговор на Канада, Мексико и Кина кои дозволуваат нелегална дрога да влезе во Соединетите држави. Неколку часа пред да стапат на сила американските тарифи, канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека Канада ќе воведе еднакви царини од 25 отсто на увоз од САД во вредност од 155 милијарди канадски долари, доколку тарифите на Вашингтон се применат.