Јаневска: Психолошка поддршка за сите ученици

од Љубиша Владимиров
44 прегледи

Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека Министерството активно презема мерки за поддршка на учениците кои се засегнати од трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани.

„Од првиот ден им помагаме на учениците кои се засегнати директно или индиректно. Во соработка со УНИЦЕФ,  клинички психолози и  психијатри при Комората на психолози и Црвениот крст, обезбедивме психолошка поддршка за сите ученици во државата, а посебен фокус ќе биде ставен на општините кои беа засегнати,“ изјави Јаневска.

Таа нагласи дека веднаш по трагедијата биле подготвени насоки за училиштата, наставниците и родителите за постапување и пружање психолошка и психо-социјална помош. Овие насоки се достапни на пет јазици.

„Формиравме мрежа од 100 училишни психолози кои се насочени кон општините засегнати од пожарот, но и кон останатите делови од земјата. Дополнително, на веб-страницата на Министерството за образование објавивме листа со телефонски контакти на 40 психолози, кои се постојано достапни за разговор, како и наменски телефонски линии за психолошка помош,“ истакна министерката.

Јаневска информираше дека граѓаните можат да побараат помош и од центрите на Црвениот крст, како и од Центарот за ментално здравје во Кочани, каде се ангажирани психијатри од клиниката. Дополнително, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип функционира младинско советувалиште со психолози, кое исто така е на располагање.

Слични содржини