Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски со сведочење на првообвинетиот Љупчо Палевски, којшто треба да одговара на вкрстени прашања на Обвинителството и одбраната на останатите обвинети.
На минатото рочиште, Палевски одговарајќи на прашања од неговиот бранител Јовица Страшески негираше одговорност за двојното убиство, тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури.
Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум за прашањето со Бугарија.
Палевски ги отфрли обвинувањата поврзани со настаните од 22 ноември 2023 година, денот кога, според Обвинителството, бил убиен Панче Жежовски, нагласувајќи дека времињата и фактите наведени во обвинението не се совпаѓаат со реалноста.