Предметот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, според бранителот на еден од обвинетите Боре Видевски, адвокат Бојан Манев, треба да се врати или во фаза на истрага или да се одреди реконструкција со која би се разјасниле многу отворени прашања.
Според Манев, за да се добие правилна и вистинита пресуда и да се утврди вистината и фактите мора да се направи една од тие две работи. Во спротивно, нагласи тој, каква и да биде пресудата таа ќе подложи на жалби.
-Низ исказите на сите обвинети неминовно произлегува потребата или од реконструкција на настанот или од враќање на предметот во истражна постапка, затоа што ако ги следите исказите, се споменуваат други лица кои што биле учесници во настанот, а не се на обвинителна клупа. Понатаму, се кријат, односно не се изведуваат докази од битно значење, изјави Манев.
Предметот, нагласи Манев, мора да се врати во фаза на истрага, за да се утврдат тие факти и утврдување на вистината.
-Мора да се врати затоа што се почесто се споменуваат и други лица кои што не се ниту обвинети, ниту се на обвинителна клупа, а во исказите се споменуваат како учесници. Постојат неколку снимки кои што обвинителство, од не знам какви причини не ги даде да ги гледаме. Едни од таквите снимки, се снимките кај бензиската станица Лукоил во Велес, каде јасно се гледа ликот на Панче Жежовски, направена некаде во 12 часот на 22 ноември, а тие во обвинение викаат дека во 9 часот човекот е убиен, изјави Манев.
Третата работа, зошто овој предмет треба да се врати во истрага, според Манев, е тоа што Обвинителство нема дадено никакво вештачење на зрната оружје, со цел да се утврди дали станува збор за легално или нелегално оружје.
-Работа на обвинителство во истражна постапка е да ги утврди сите факти и да ги повика луѓето. Зошто обвинителство тоа не го прави, како што не изведува и други докази кои што се од битно значење, тоа треба да ги прашате обвинителките, изјави Манев.