Седумдесет и пет години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга на Раде Силјан се чествуваат и во Србија

од Vladimir Zorba
235 прегледи

Седумдесет и пет години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните современи македонски поети, Раде Силјан се чествуваат и во Србија. По повод значајните јубилеи, издавачката куќа „Арка” објави двојазична книга „Лажно време”, со избрани и нови песни од Силјан, во оригинал на македонски и во препев на српски јазик. Препевот е на академик Ристо Василевски, еден од најистакнатите посветеници во афирмацијата на македонската поетска реч во Србија.

Пред српската читателска публика, изданието овозможува целосна слика за поетиката на Силјан и за нејзините есенцијални вредности, при што циклусите ги претставуват одделните разввојни фази на неговото поетско творештво и одделните тематско-мотивски кругови, вклучително и најновите творечки остварувања. Книгата содржи и обемен поговор од Паскал Гилевски, еден од најдобрите познавачи на поезијата овој знаменит македонски поет.

– Лириката на Раде Силјан е од отворен тип, крајно објективна, читлива и запаметлива, прифатлива од широката читателска публика, што значи дека не е херметична, затворена, вкожурена, упатена и стокмена само за една елитна категорија читатели, само за строго упатените и верзираните во литературните процеси и лавиринти. Затоа Раде Силјан спаѓа во редот на т.н. народни поети, какви што се во нашата современа поезија Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, а во извесна поширока смисла и Матеја Матевски. Според тоа, за среќа на нашата литература, Раде Силјан никогаш не се подал на соблазнувачкото искушение да биде роб на некои изми и правци кои ја оддалечуваат уметноста на зборот од многубројните читатели. Тој го направил вистинскиот избор и тргнал по вистинскиот пат и се најде во редот на најдобрите современи македонски поети, кои сметаат, како старите класици, дека литературата им е потребна на луѓето, истакнува Гилевски.

Изданието ја отсликува оваа доминантна творечка определба забележлива во поезијата на Силјан, вклучително и особеностите на неговиот поетски опит со кој, како што е забележано, македонската литература има еден нов вид патриотска поезија.

– Според тематското устројство, според типот на сликите, психологијата и атмосферата, како и според некои слични константни на неговиот пев, поезијата на Раде Силјан претставува еден целосно обмислен поетски и поетички реализиран проект. Назначен бегло и фрагментарно во неговата прва поетска книга, тој потоа ќе се надоградува во еден убедлив авторски, препознатлив и самосвесен идентитет на радесилјановското пеење. Тоа пеење, според нас, посебно ќе дојде до израз со својата зрелост, прочитливост во последните книги од овој поет, има напоменато Ефтим Клетников, како што е одбележано и на корицата на ова издание со поезијата на Силјан објавено во Србија.

Инаку, издавачката куќа „Арка” објави избор од поезијата на Силјан и претходно, во 2015 година, под насловот „Огледало на вековите”. „Поезијата на Раде Силјан претставува повеќеслоен и сеопфатен поетски универзум, во кој сѐ со мера е проткаено и дозирано: мислите, емоциите, имагинацијата и лиризмот”, истакна тогаш српскиот книжевник Миќо Цвијетиќ.

Раде Силјан во нашата книжевност остварува голем влог не само како поет, туку и како критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија кај нас: наградите „Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов” на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври” за животно дело во областа на уметноста. Поезијата на Силјан во посебни книги е преведена на англиски, руски, грчки, турски, италијански, бугарски, српски, унгарски, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, албански и бошњачки јазик. Добитник е на високи меѓународни признанија за поезија.

По повод 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на неговата прва поетска книга „Третиот лик на времето”, неодамна, одделни изданија објави и Здружението за уметност и култура „Дијалог” од Скопје – избор од неговата поезија и книга со избор од книжевната критика за неговото поетско творештво. 

Слични содржини