Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, преку објава на социјалните мрежи ги кани членовите од крилото на Арбен Таравар, да се вратат во редовите на неговото крило.
-Убедени сме дека, и покрај различните случувања и одлуки што сте ги донеле во минатото, и покрај измамите што некои поединци ги извршиле против вас, длабоко во вас го имате идеалот, нацијата, патриотизмот и принципите на Алијансата за Албанците.
Не постои политичка поделба што ве одделува од нашиот заеднички дух, душа и идеал, од нашето заедничко семејство и дом. Бевме и продолжуваме да бидеме едно, дишејќи исто и чувствувајќи исто.
Убедени сме дека, како и ние, и вие чувствувате болка поради ова пропаѓање што се случува со драгоценото име на нашата куќа, вашата напорна работа низ годините и нашата заедничка жртва. Вие сте помоќни, почисти и поправедни од која било грешка, авантура или темна намера на некој што се обидел да ја злоупотреби вашата искреност. Вие сте ни подраги и ние сме ви подраги отколку егото на некои поединци кои сакаа да ја заменат куќата за свои интереси, наведува Села во својата објава.
Членот на коалицијата Европски фронт бара од припадниците на Алијанса „да не дозволуваат оние кои никогаш не ја почувствувале топлината на нивното семејство и дом да имаат експерименти врз нив и да ја газат нивната заедничка судбина и идеали“.
-Не ве покануваме во вашиот дом, бидејќи ова е вашиот дом и вие припаѓате тука. Само сакаме да се вратиме затоа што ве чекаме, веруваме во вас и продолжуваме да бидеме убедени дека ќе се вратите таму каде што отсекогаш сте чувствувале топлина, правда, храброст и вистинска гордост, апелира Села.
Во порака упатена до членовите и поддржувачите на Алијансата за Албанците, вицепремиерот Арбен Фетаи нагласи дека партијата не е само политички субјект, туку движење кое брани непоколеблива кауза и идеал. Тој изјави дека стои зад секој член кој бара правда и не прифаќа враќање на ДУИ без соочување со вистината. Со тоа, Фетаи наведува дека ќе остане дел од коалицијата ВЛЕН.
-Нема да дозволиме ДУИ да се врати како ништо да не се случило. Тие мора да се соочат со вистините што ги избегнуваа две децении. Не станува збор за поединецот. Станува збор за нашето колективно достоинство. Мојот глас е ваш глас. Гласот на Алијансата што не се предава, кој не се продава и кој не се плаши. Ние сме гласот на патот, а тој пат никогаш не поминува покрај Али Ахмети, порача меѓу другото Фетаи во видео-обраќањето.
Со ова, Фетаи стана третиот функционер од партијата кој ги напушта редовите на крилото на Таравари. Претходно истото го сторија екс-министерот Азир Алиу и актуелниот пратеник Салим Сулејмани, кој покрај партиската, се откажа и од пратеничката функција.
-Верувам дека решителноста за промени во општеството не се напушта при првата пречка – туку се гради со уште повеќе работа! Со големо почитување кон лидерот на партијата и неговото право на политичка проценка, се чувствувам должен јавно да кажам дека ќе продолжам да бидам дел од процесот што го започнавме заедно во ВЛЕН и во оваа Влада!
Влада која за прв пат сериозно ги отвори институциите и почна систематски да се справува со проблемите, почна да се соочува со корупцијата и криминалот и го крена гласот против државата заробена од сега веќе добро познатите корумпирани структури на ДУИ, истакна Алиу.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера откри како ДУИ имале за план да влезат во Владата како коалициски партнер.
-Многумина ми велеа: „Откачи го брзо Таравари, тој сака да седи на две столици – да остане во Владата, а истовремено ДУИ да му поддржи пет градоначалници преку некандидирање на свои и така да го засили во базата“. Тоа што ДУИ го бара од него е да објави дека на листи на советници ќе оди сам, за да можело ДУИ да брои повеќе советници во однос на ВЛЕН, иако сум убеден дека и тоа нема да се случи. Замислете каква стратегија- како бројот на советници да ме убеди дека треба да ги земам од ДУИ во Владата, а не принципи, програма и заеднички цели. Зарем тие мислат дека ќе заборавам како Бујар Османи го продаваше мојот македонски идентитет, зарем така мислат дека ќе помине тоа, кажа претседателот на Владата на годинешната конференција на Унијата на жена во ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа недела треба повеќе да се знае кој ќе ги замени кадрите на Алијанса кои ја напуштија Владата.