Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку своја објава на Фејсбук остро го нападна градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, тврдејќи дека тој стои зад серија криминални зделки поврзани со дивоградби.
Во својата објава, Арсовска наведува дека е откриено повеќе од 150 нелегални објекти во општина Чаир, кои според неа, се градени неодамна, спротивно на тврдењата на Ганиу дека се градени пред 2011 година. Таа истакна дека сите овие нелегални објекти се документирани и доставени до институциите, со јасни забелешки дека градбите се нови и нелегални.
„Висар Ганиу не само што не им враќа пари на граѓаните измамени за небезбедни станови, туку се одлучи и да се пресметува со мене лично. Не ме плашат ниту тој, ниту неговите соработници“, истакна Арсовска.
Градоначалничката исто така го обвини Ганиу дека преку камиони фрла градежен и кабаст отпад во и околу контејнерите низ општина Чаир, по што инспекциските служби и полицијата му го конфискувале камионот. Арсовска додаде дека тој има долг од 7 милиони денари кон Комунална хигиена.
„Ќе ги повикам сите измамени граѓани да ги бараат своите пари пред општината. Ганиу треба да одговори пред јавноста и институциите, а јас нема да престанам да ги откривам сите негови криминали“, заклучи градоначалничката.
Од кабинетот на Висар Ганиу засега нема официјален одговор на овие обвинувања.