Случајот што ја потресе целата држава влегува во завршната фаза. По месеци на молк и искази што се менуваат, Јавното обвинителство го кажа своето: бара доживотен затвор за четворица обвинети за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Во завршните зборови, обвинителката ги разоткри сите лаги, ги поби сите алиби и ја раскажа хронологијата на ужасот — грабнување, уцени, прикривање траги и убиство во студена пресметка.
Како што посочи обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска, исказите на обвинетите дадени пред Обвинителството не се совпаѓаат со исказите дадени пред судот, ниту пак, како што рече, се совпаѓаат со изведените докази. Според неа, не е нужно да се утврди мотивот за убиството, туку, како што рече, тој е субјективен однос на злосторникот кон делото.
– Мотивот не е нужно да се утврди. Тој е субјективен однос на злосторникот кон делото. Отсуството на мотив не е причина некој да не биде осуден. Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. Дополнително ги трауматизираат фамилијата и јавноста со нивните негирања на доказите и со манипулациите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира, посочи обвинителката.
За таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, обвинителката рече: „Нема потешка казна од загуба на дете и од живот со таква совест како во случајов на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа“.
За првообвинетиот Палевски, беше нагласено дека ја водел целата операција, креирал алиби и уништувал докази. Според Обвинителството снимките и другите докази, ја утврдуваат неговата вина.
Завршни зборови треба да даде и одбраната.