Во последните 10-15 години, политичката поларизација во САД значително се зголеми. Ако кон ова ја додадеме достапноста до оружје кај граѓаните, како и фактот дека разни милиции се вооружуваат и вежбаат, можеме да заклучиме дека државата се наоѓа во една пред-воена состојба, вели за „Локално“, политикологот Димитар Николовски од Евротинк за ситуацијата со масовните демонстрации во Лос Анџелес против рациите на имигранти.
Сепак, смета дека времето за граѓанска војна, за среќа, се уште не е дојдено, а со внимателни политики тоа може и да се избегне. Николовски оценува дека и порано имало вакви немири и не доаѓало до граѓанска војна.
-Овие немири моментално не се чекор кон граѓанска војна, тврди соговорникот.
Запрашан дали американскиот претседател Доналд Трамп постапува правилно, односно како што вели ја спасува Америка од нелегални мигранти, Николовски објаснува дека Трамп ги исполнува изборните ветувања.
-Кај значителен дел од населението, ова се популарни мерки. Не ја гледам заднинската агенда, но дефинитивно ја гледам опасноста од нарушување на човековите права во САД, како и негативните економски ефекти од исфрлањето на мигрантите, наведува соговорникот и додава Лос Анџелес е блиску до границата со Мексико и оттаму латино-популацијата е многу значителна таму.
-На ова се додава и културата, која таму е во голема мера либерална и анти-Трамп. Ова комбинација доведува до сегашната состојба. Во основата на популизмот на Трамп е конфронтацијата кон „внатрешните и надворешни непријатели“. За да остане популарен и МАГА движењето да го сака, тој мора да биде во нон-стоп војна со своите политички противници, потенцира политикологот.
Николовски оценува дека поради сите свои политики, Трамп ќе има последици, но, како што вели, ниедна од нив нема да биде предвремено исфрлање од позицијата. Оценува дека крајниот ефект од овие конфликти ќе биде пораз на МАГА на сите следни избори.

Димитар Николовски
Администрацијата ќе продолжи со напорите за масовна депортација што претседателот и ги вети на американската јавност, велат од Белата куќа. Одново упатија критики кон властите во Калифорнија за неуспехот да воспостават ред на улиците по масовните протести. И покрај критиките од демократите, Трамп е задоволен од својата одлука за испраќање на Националната гарда и маринците за да воспостави ред во Лос Анџелес. „Земјата повторно си ја враќа силата. Тоа е она што ме интересира. Ќе имаме безбедна земја. Нема да го повториме она што ќе се случеше во Лос Анџелес. Запомнете, ако не бев таму, ако не дејствував брзо, Лос Анџелес ќе гореше до темел во моментов“, изјави Трамп.
Градските власти во Калифорнија потврдија дека ноќниот полициски час за некои населби ќе остане на сила на неодредено време. „Вонредната состојба што ја потпишав вчера нема временско ограничување, па затоа полицискиот час ќе трае сè додека е потребен. Она што се надевам е дека жителите ја добија пораката дека сме сериозни“, изјави Карен Бас, градоначалничка на Лос Анџелес.
Протестите засега минуваат помирно во другите делови на САД. „За жал, секогаш ќе има мало малцинство кое ќе го искористи протестот или демонстрацијата за да предизвика хаос. Но, огромното мнозинство од демонстрантите остануваат мирни и организирани“, Брендон Џонсон, градоначалник на Чикаго.
Мексиканската претседателка ги негираше обвинувањата на САД дека поддржува насилни протести. „Никогаш не сме повикале на никакви акции во Лос Анџелес, но секогаш ќе ги браниме Мексиканците. Тоа е наша работа. Мексиканците таму имаат право мирно да протестираат, повеќето од нив имаат двојно државјанство, мексиканско и американско“, изјави Клаудија Шајнбаум, претседателка на Мексико.
Во меѓувреме, демократите во Претставничкиот дом и во Сенатот ги повикаа републиканците да го спречат усвојувањето на „големиот, прекрасен закон“ на претседателот Трамп. Уредбата предвидува даночни олеснување од неколку трилиони долари и зголемување на трошоците за одбраната и повеќе средства за масовни депортации. Шефот на Белата куќа откако ја презеде функцијата во неколку наврати тврдеше дека ќе депортира од 15 милиони до 20 милиони луѓе кои илегално живеат во САД.
Н.П.