Работниците во културата не добија плата за мај, се упатуваат закани – велат од Синдикатот

од Nikola Popovski
39 прегледи

Плата нема е новото име на Министерство за култура и туризам, велат од Синдикатот на културата на Република Македонија. Синдикатот обвинува дека Министерството за култура и туризам упорно одбива да ги почитува одлуките на Управните одбори во две културни институции, (НУ Стоби, и ЈУ Универзална сала) оставајќи ги вработените без исплата за месец мај.

Уште посериозно, од синдикатот тврдат дека Министерството телефонски дава незаконски насоки до директорите за пресметка на платите, при што не постои никаква писмена потврда, а на барањата за документација се добиваат закани – дека вработените „нема да земат плата со месеци“.

„Со тоа не само што се крши правото на плата, туку се загрозува и правото на здравствено осигурување по 30 јуни“, предупредуваат од синдикатот.

СКРМ го повика Министерството веднаш да ги исплати платите во согласност со важечките одлуки и договори, нагласувајќи дека обврската за законитост на исплатите не е на Министерството за финансии, туку исклучиво на Министерството за култура и директорите на институциите.

Слични содржини