Арсовска до Ганиу: Дали дивоградбите ги наследи од баба ти?

од Nikola Popovski
173 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска упати нови обвинувања кон градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу по неговите најави дека планира да ја тужи за изнесените ставови во однос на дивоградбите.

„Висар Ганиу изјавил дека дивоградбите ги наследил. Од кого ги наследи, од баба ти? Од 2005 до денес само ти и Изет Меџити сте градоначалници на Чаир, а сега во моментов се градат 50 небезбедни згради на диво под твоја заштита“, порача Арсовска.

Градоначалничката му порача на колегата од Чаир да „не се крие позади дивоградбите“ и дека „едвај чека да ја тужи“.

„Четири месеци зборувам гласно дека ти се параван за фалсификати, перење пари од црни извори и организиран криминал. Се уште не одговори како дете на 5 годишна возраст градело во 2010 година и ти доставило барање за легализација. Парите од родендени и ужинки ли ги собирал или ги позајмил од другарите на голем одмор“, прашува Арсовска.

Пред два дена, прашан од новинарите за обвинувањата на Арсовска, Ганиу возврати фокусирајќи се најмногу на делот дека во Чаир се граделе дивоградби.

„За сите овие акти моите адвокати работат за да има тужби за невистините што ги зборува. Чесната жена од Град Скопје манипулира. Во Чаир во 2005 година, кога градоначалник станува Изет Меџити, имаше 13 000 дивоградби или над 75% од сите објекти во Општина Чаир беа дивоградби. Ние тоа го затекнавме. И таа го употребува често дека 13 000 дивоградби се во мое време. Не е вистина дека тие објекти што се изградени дека се на земјиште на РМ. Чаир е 3 квадратни километри и сопственоста е на некого. Нема РМ земјиште или многу малку. Другото, 150 згради што таа ги објавува се невистини. Најновата лага што ја зборува е дека има 50 нови темели во Чаир. Сите овие се лажни тврдења со цел мегафонот на ДУИ да ме дискредитира“, изјави градоначалникот.

Ганиу рече дека овие тврдења ќе бидат расчистени преку институциите.

„Сите тие работи ќе ги расчистиме пред судските органи. За тврдењата за кои зборува таа, изјавите се даваат пред нотар, не пред мене. Јас не сум надлежен за да ги контролирам тие работи. Има други институции кои треба тие работи да ги контролираат. А, госпоѓа Арсовска, јас ви тврдам, дека други објекти изградени после 2011 година, таа ги има легализирано“, посочи градоначалникот.