Роверот „Кјуриозити“ (Љубопитност) на американската вселенска агенција НАСА испрати фотографија на карпеста формација што личи на корал.
Необичниот објект е мал, светол камен обликуван од ветер откриен од роверот на 24 јули во кратерот Гејл. Иако потсетува на морските организми што градат корални гребени на Земјата, станува збор за камен од 2,5 сантиметри.
„Кјуриозити“ пронајде многу вакви карпи што настанале од дејствијата на древната вода, а потоа обликувани од милијардите години песок носен од ветерот“, велат од НАСА.
Ваквите формации почнале да се создаваат на Марс пред неколку милијарди години, додека на планетата уште имало вода. Таа вода, полна со растопени минерали, продирала низ ситните пукнатини во карпите и постепено минералите се таложеле, создавајќи цврсти „вени“ во карпите.