Следната 2026-та за отплата, само по основ на Еврообврзница, доспеваат 700 милиони евра. Се работи за Еврообврзница што беше издадена во 2020 та. Владата одлучи дека повторно да излезе на меѓународниот финансиски пазар – во потрага по сумата што ќе се искористи за враќање на долгот што доспева следната година.
Процедурите, според информациите од Министерството за финансии веќе се започнати. Според првичните најави вредноста на Еврообврзницата ќе се движи од 700 до 950 милиони евра. Дополнително на владина седница е одлучено да се обезбеди и заем во висина од 70 милиони евра, но на домашниот пазар. Со овој план, Владата во економската 2026- та ќе се задолжи нови, повеќе од 1.000.000 000 евра, а дел од оваа сума или 700.000.000 евра ќе се одлеат за отплата на Еврообврзницата што доспева следната година.
Претходно веќе се договори Унграскиот кредит во износ од 1 милијарда евра а во најава е и заем од 5 милијарди евра зад кои како гарантор стои Велика Британија. Не се важни само сумите што ги позајмуваме, туку и намената на средствата , особено што се работи за високи износи, коментираат економистите за „Локално“.
-Комоцијата за задолжување практично повеќе ја нема. Она што државата го има е само простор за преговори, но не и за долгорочно одржливи решенија. Вистинското прашање е: не колку уште можеме да позајмиме, туку дали овие средства ќе се искористат за проекти што генерираат раст или ќе останат во циклус на буџетска потрошувачка. Без европски грантови, без фондови за зелена и дигитална трансформација и без капитални инвестиции, секое ново задолжување ќе биде само одложување на кризата и поголем товар за граѓаните. Македонија повеќе нема комоција за задолжување, секое ново евро мора да создаде раст, а не само да гаси стари долгови, вели за „’Локално“ универзитетскиот професор, економистот Абил Бауш.
Неговиот колега, професорот Ванчо Узунов во интервју за „Локално“ оцени дека кредитите што се инјектираат за проекти на локално и на централно ниво мора да дадар „ефект“ за економијата, видливи економски придвижувања кои ќе се одразат врз растот на БДП.
„Од тоа што го гледам јас на терен, всушност не се случува ништо особено поврзано со средствата за општините од заемот од Унгарија. Но, некој може да рече дека јас не гледам добро. Во секој случај, тие „проекти“ не се ништо друго освен уште едно глумење во функција на локалните избори. Така проекти за развој на општини не се прават. Прво, не е работа на владата да финансира проекти на локален развој, тоа е работа на општините, секоја одделно за себе. Инаку, зошто воопшто имаме општини и локален развој, ако (централната) влада ја зема работата за наоѓање на средства на себе? Второ, кој воопшто ја истражува оправданоста на тие вложувања? Никој. Трето, до каде се тие проекти? Нема никакви реални информации. Така што – таканаречениот Унгарски кредит беше и остана ништо повеќе од уште една „игра“ на власта во функција на изборите“, рече професорот Узунов.
Според досегашните информации од ресорното министерство , следната година буџетскиот дефицит главно ќе се финансира со средства од странски извори, за разлика од годинава кога Владата се потпираше на домашните кредитори.
Д.А.