Денес пред МНТ е избегнат опасен инцидент откако во автобус на ЈСП со број 57 одеднаш почнал да излегува чад, по што возачот го запрел автобусот, а сите патници излегле надвор и останале на автобуската постојка да чекаат друг автобус. Жителите на Скопје се жалат дека ова веќе е секојдневна слика на градот.
Со реакција се јавија дел од партиите. Според градската организација на Левица – Скопје, „како да не е доволно што нема доволно автобуси, па истите се чекаат и по четириесетина минути, откако ќе дојдат нема гарнција дека патниците ќе стигнат на крајната дестинација, затоа што постои опасност од нивно расипување“.
-Оваа голгота на Скопјани трае веќе четири години и тоа единствено поради инаетот на владеачката ДПМНЕ, чии што советници во Советот на Град Скопје не гласаат за набавка на нови еко автобуси.
И покрај тоа што набавката на нови еко автобуси и бесплатен јавен превоз беше предизборно ветување токму на ДПМНЕ кој победи на минатите локални избори, сепак, ветувањето падна во вода, откако се скараа со градоначалничката Данела Арсовска, која впрочем беше и нивен кандидат за градоначалник.
Оттука прашуваеме: до кога Скопјани ќе бидат заложници на инаетот на ДПМНЕ и со кој легитимитет повторно ќе ја бараат довербата на Скопјани и на следните локални избори?!, стои во партиското соопштение на Левица – Град Скопје, при што е објавено видео од немилиот настан.
За среќа, нема повредени, но деталите за материјалната штета на автобусот сè уште не се познати. Ова не е прв ваков инцидент – во последните години се забележуваат повеќе случаи на палење на автобуси на ЈСП за време на возење.