Здружение на штедачи: Правда или неправда? Пет години молк за криминалот во Еуростандард банка

„Како да им објасниме на оштетените граѓани и фирми дека нивните права се помалку важни од интересите на моќниците? Дали е ова правна држава или држава на привилегирани недопирливи“, прашуваат од Здружението на штедачи

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Принтскрин

Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка преку соопштение одбележува, како што вели, пет години молк за криминалот во Еуростандард банка.

-Во држава каде што владеењето на правото треба да биде темел на демократијата, случајот со Еуростандард банка е огледало на неправда, молк и неказнивост. Поминаа повеќе од пет години откако банката пропадна и остави илјадници граѓани и компании без заштеди и деловни средства. Но, иако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага уште во февруари 2021 година, таа сè уште не е завршена.

Законот е јасен – истрага може да трае најмногу 18 месеци (1,5 години). Но, наместо брзо процесуирање, имаме пет години молк. Овој молк не е само правно неприфатлив, туку и длабоко неморален. Тој им испраќа порака на граѓаните дека правдата е селективна, а на сторителите – дека големиот криминал може да остане неказнет, велат од Иницијативниот одвор на Здружението.

Оттаму прашуваат каква е таа правда кога истрагата против лицата што ја воделе и уништиле банката стои заглавена со години.

-Како да им објасниме на оштетените граѓани и фирми дека нивните права се помалку важни од интересите на моќниците? Дали е ова правна држава или држава на привилегирани недопирливи?

Молкот на обвинителството ја руши довербата во институциите и ја поткопува идејата за еднаквост пред законот. Непостапувањето не е само пропуст – тоа е форма на неправда што ги продлабочува раните на оштетените и го легитимира организираниот криминал како „нормален” дел од системот.

Правдата одложена е правда ускратена. А кога правдата е ускратена пет години, таа веќе станува неправда.

Граѓаните имаат право да прашаат:

·         Зошто обвинителството не ја заврши истрагата во законскиот рок?

·         Кој ја носи одговорноста за ваквата неказнивост?

·         Дали државата е на страната на граѓаните или на страната на моќниците кои ја уништија банката?

Случајот со Еуростандард банка е тест за правосудниот систем. Ако оваа истрага не заврши со обвинение и одговорност, тоа ќе биде уште една потврда дека кај нас правдата е само празен збор, а неправдата – сурова реалност, стои во соопштението на штедачите.