Доколку до понеделник 6 октомври не биде исплатен долгот кон приватните превозници во Град Скопје, нивниот возен ред драстично ќе се намали. Најавуваат дека ќе возат само во утринските часови од 5 до 10 часот.
Приватните превозници „Јофи бус“, „Вестор транс“, „Радос компани“ кои сообраќаат во Скопје, денеска побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари, од кој, како што изјавија, во моментов се доспеани 90 милиони денари.
На прес-конференцијата се појави директорот на ЈСП Кушовски, кој им рече дека лажат и дека долгот не е 90 милиони денари туку 60 милиони денари (над 970.000 евра). По ова, превозниците го нападнаа директорот и го пршаа за кој месец има тој земено плата. Кушовски рече дека зел плата за август, а сега ќе земе за септември.
-Од како сум јас директор, долгот се намалува и не е тој што беше кажан од приватните превозници. Траба да се престане со манипулација на граѓаните и дека ЈСП располага со возниот парк кој што располага и ги пушта сите автобуси што ги има. Недостаток на автобуси знаеме дека има, а ние да пуштаме наши автобуси да бидат полни за да се штедат приватните автобуси за да не се амортизираат, тоа не е дозволиво. Треба да бидат коректни кон граѓаните, а не да се влечат позади автобусите на ЈСП. Долгот кон сите тројца приватни превозници е околу 60 милиони денари, истакна Кушовски.
На ова реагираа приватните превозници дека долгот е поголем поради што настана надвикување која информација е точна. И двете страни бараа да се покажат уплатите, но се остана само на зборови. Директорот на ЈСП ги праша дали имале средба и дали се договориле дека исплатата ќе се врши според можностите на ЈСП, приватниците потврдија, но рекоа дека не им е исплатена сумата, односно им е исплатен само мал дел од долгот.