Почина поранешниот градоначалник и пратеник Панчо Минов

Минов во два мандати беше градоначалник на општина Кавадарци и беше пратеник исто така во два мандати

од Nikola Popovski
30 прегледи

Поранешниот градоначалник на Кавадарци и пратеник во македонското Собрание, Панчо Минов починал денеска, на 67-годишна возраст. Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој двапати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци — прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).

Минов имаше и богата пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието. Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).

На социјалните мрежи од него се опростуваат пријатели, политичари и јавни личности.

„Со тага ја примив веста за смртта на Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци, пратеник и уважен човек. Ќе го паметиме по неговата посветеност и човечност. Сочувство до семејството и сите негови пријатели. Нека Господ му подари вечен мир, а на неговите најблиски утеха и сила“, објави пратеникот Оливер Спасовски.