„Нека ви се честито дивоградбите“, објави Арсовска за кафе-средбата на Ѓорѓиевски со Меџити и Бакиу од ВЛЕН

Градоначалничката потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се власт во Град Скопје во овие четири години и дека во тој временски период ги управуваат сите јавни претпријатија, јавни установи и училишта

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

„Нека ви се честито дивоградбите“, објави се уште актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска по вчерашната кафе-средба на Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ со Изет Меџити и Башким Бакиу од Коалицијата ВЛЕН. од која, како што објави на Фејсбук, добил искрена и силна поддршка за вториот круг од локалните избори.

Таа посочи дека „истите тие што создадоа хаос, сега сакаат да изгледаат како спасители кои ќе го исчистат ѓубрето за 72 часа“.

„Ликов многу сака да прави нарачки против мене, а не му е јасно дека, да организира многу напади врз мене некој што нема намера да работи чесно, не е баш паметно. За ѓубрето низ Скопје нека се обрати кај претседателката на Управен Одбор на Комунална Хигиена, Јулијана Спировска од ВМРО која е правосилно осуден криминалец за 2 (две) кривични дела и истата го УПРАВУВА ѓубрето и КХС веќе 4 години.

Сега ќе го исчистеле за 72 часа. Нормално дечко дека ќе го исчистите, затоа што од инат го правите хаосот, ти кога ќе дојдеш да си многу успешен и способен за 72 часа со чистење ѓубре, ЗА ДА МОЖЕШ НА ВИСТИНСКОТО ЃУБРЕ ДА МУ ГО КРИЕШ КРИМИНАЛОТ И ДА СИ ПРОДОЛЖИТЕ СО ДИВОГРАДБИТЕ“, стои во објавата на Арсовска.

Градоначалничката додава дека ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се власт во град Скопје во овие четири години и дека во тој временски период ги управуваат сите јавни претпријатија, јавни установи и училишта.

Ѓорѓиевски вчера објави дека добил поддршка од новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и од кандидатот на коалицијата на ВЛЕН Башким Бакиу кој освои 27.898 гласови на изборите за градоначалник на Град Скопје.

„Подадена рака! Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити и со кандидатот за градоначалник на Скопје од Коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу. Од нив добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје, поддршка која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред. Благодарам на сите кои ја препознавте визијата, дадовте доверба и избравте иднина за Скопје. Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него. Скопје го правиме заедно. По скопски! Победата ќе биде историска!“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук за средбата со функционерите од ВЛЕН.

Во вториот круг на локалните избори, на 2 ноември, противкандидат на Ѓорѓиевски за градоначалник на главниот град ќе му биде Амар Мециновиќ од Левица.