Ѓорѓиевски веднаш ќе назначи нови директори на јавните претпријатија и повторно најави чистење на Скопје за 72 часа

-Кога ќе направите споредба со гласовите на СДСМ и останатите партии од опозицијата, сега практично се фузирани на многу од избирачките места, рече Ѓорѓиевски за двојното зголемување на гласовите на Амар Мециновиќ на вториот круг од изборите

од Nikola Popovski
281 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Тв Телма

Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски порача дека првото што ќе го направи откако ќе седне во фотелјата е ќе го исчисти главниот град за 72 часа. Вели тоа ќе го спроведе со јавните претпријатија, граѓаните и општествено одговорни компании, па потоа реорганизација претрпријатијата под капата на Градот, а потоа решавање на блокираните проекти кои граѓаните ги чекаат.

Градоначалникот информира дека веднаш ќе назначи нови директори на сите јавни претпријатија. За порастот на гласовите на контото на неговиот противкандидат Амар Мециновиќ во вториот круг од изборите и речиси минималниот пораст на неговите гласови во споредба со првиот круг, Ѓорѓиевски вели дека беше „логичко обединување на структурите во опозицијата“.

-Кога ќе направите споредба со гласовите на СДСМ и останатите партии од опозицијата, сега практично се фузирани на многу од избирачките места. Драго ми е што граѓаните ја препознаа нашата платформа и решија да изберат нешто што е докажано, изјави Ѓорѓиевски во изјава за медиумите.

Во вториот круг од гласањето на локалните избори, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ доби околу 95.000 гласови или нешто над 3000 гласа повеќе во однос на првиот круг. Неговиот противкандида од Левица освои над 60.000 гласа или двојно повеќе од вториот круг. Излезноста и овој пат беше ниска, околу 40 отсто од запишаните во избирачкиот список.