Се чека владината кошница која треба да покаже дека во Македонија може да се живее со 24 илјади денари

Немањето на економска политика која доаѓа од едуцирани квалитетни кадри наместо партиски кадри ги дава моменталните резултати – висока инфлација, вештачки раст на цени, превработеност на јавна администрација, неконкурентност на македонските производи на странските пазари..., вели Пекевски за „Локално“

од Vladimir Zorba
3 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Телма ТВ

Земјите во регионот преземаат мерки да го заштитат стандардот на граѓаните, а нашата Влада не сака ни да слушне за мерки, а уште помалку за зголемување на платите. Прашањата кои ги засегаат работниците во државата, не се однесуваат на функционерите кои си ги покачија платите на 2.000 евра месечно. Секако тие неможат да разберат дека во Македонија неможе да се живее од плата, особено ако си на минималец и месечно зимаш 24 илјади денари.

Од друга страна цените на храната и основните производи во маркетите бележат континуиран раст, а статистика измери 4,5 отсто инфлација. Јајцата се поскапени за 30 отсто, овошјето за 21 отсто, месото и маслото за 10 проценти, кафето за 26 проценти….Наместо мерки Владата реши да ги казнува маркетите, но тие продолжуваат по старо, бидејќи казните за профитите што ги прават се само „капка во море“.

-Во Македонија не функционираат пазарните принципи и општата ситуација апсолутно не изненадува. Владата воопшто не е насочена кон раздвижување на економијата и креирање на принцип на пазарна економија. Ако погледнеме длабоко во економските параметри ќе видиме дека најголеми профити остваруваат маркетите преку големите маржи кои ги ставаат на производите и големиот увоз што го прават, како и банките преку станбените кредити и провизиите што ги прават. Овие два показатели се доволен доказ за тоа каков економски амбиент постои во државата. Во Скопје постојат над 50.000 празни станови и наместо да се запре тој тренд и да се оданочат со високи стапки тие станови заради не носење на дополнителна вредност Владата не го прави тоа. На овој начин покажува дека наместо во интерес на граѓаните работи во интерес на инвеститорите и на големите маркети кои се богатат на грбот на граѓаните, изјави за „Локално„ економскиот аналитичар Синиша Пекевски.

Според него, наместо државата да најде механизам за да го спречи растот на цените на храната и на становите таа дава провидни мерки кои не го штитат стандардот на граѓаните.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Косово онлајн

-Немањето на економска политика која доаѓа од едуцирани квалитетни кадри наместо партиски кадри ги дава моменталните резултати – висока инфлација, вештачки раст на цени, превработеност на јавна администрација, неконкурентност на македонските производи на странските пазари…, додава Пекевски.

Последната синдикална кошничка покажа дека за да го помине месецот на едно семејство потребни му се над 65.000 денари, а ако семејството живее во изнајмен стан, трошоците надминуваат 80.000 денари.

Во меѓувреме речиси цела година се чека владина кошница која требаше да покаже дека во Македонија може да се живее и со помалку од 65 илјади денари месечно.

-Ценовниот притисок систематски ја гризе секоја плата. Наместо план како да се затвори овој јаз, слушнавме теза дека „минималец од 500 евра би донел 8 до 9 отсто инфлација“. Со други зборови, проблемот не е што семејствата веќе плаќаат поскапи сметки, туку, според власта, тие би биле „виновни“ ако најниската плата конечно стане повисока, вели поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според неговите и пресметките на синдикатите на двајца што работат за минималец им „фали“ уште третина плата за да ја затворат месечната математика.

Дополнителен удар врз семејниот буџет е цената за парно која се зголеми за 5,9 отсто, како и најавата за можно зголемување на цената на струјата. Останува да ја видиме математиката на Владата која треба да покаже како се живее со 397 евра месечно.

Б.С.