Наместо за 200 евра да зимуваат во македонските ски-центри, децата одат во Бугарија и плаќаат двојно

Порано имаше некој сместувачки капацитети во Крушево и Пониква, но сега нема ни таму бидејќи капацитетите се стари и треба да се реновираат, изјави за „Локално“, Маја Димитровска туристички работник.

од Vladimir Zorba
105 прегледи Фото: Пампорово.ме

Наместо во домашните туристички центри децата и годинава ќе зимуваат во Бугарија. Туристичките работници велат дека нашите зимски туристички центри немаат пакет аранжмани за зимување, капацитетите се стари, ски-лифтовите се небезбедни, нема инструктори за скијање….

Освен тоа нема никакви понуди и затоа наместо за 200 евра да зимуваат во македонските зимски туристички центри, плаќаат по 400 евра за зимски камп во Банско, Боровец, Пампорово…

– Бугарските зимски туристички центри имаат пакет аранжмани за деца од училишна возраст во кој се вклучени многу активности. Од друга страна, нашите зимски туристички центри немаат никакви понуди, одамна не е инвестирано во нив и небезбедно е да пратиш дете на зимување. Порано имаше некој сместувачки капацитети во Крушево и Пониква, но сега нема ни таму бидејќи капацитетите се стари и треба да се реновираат, изјави за „Локално“, Маја Димитровска туристички работник.

Фото: Олимпик Травел

И покрај тоа што имаме многу зимски туристички центри, Маврово, Пониква, Крушево, Попова Шапка, Осогово… кои можат да привлечат многу туристи и да донесат дополнителен приход на државата, тие се оставени на забот на времето.

-Родителите не сакаат да пратат дете во некој стар капацитет каде што нема добри услови и нема организирано дополнителни активности. За разлика од кај нас во Бугарија децата се сместени во хотели со полн пансион има организирано многу активности, имаат инструктот за скијање, скии орема…Овој сегмент кај нас е многу запоставен и затоа секоја година децата одат на зимување и на летување надвор од државата, вели Димитровска.

Таа смета дека со оглед на тоа дека српските зимски ттуристички центри се многу скапи ние може да ги привлечеме туристите од јужниот дел на Србија, но немаме нови сместувачки капацитети, а тие што ги имаме се застарени.

И Љупчо Јаневски туристички експерт смета дека бугарските туристчки центри имаат се она што им недостасува на домашните.

Љупчо Јаневски/Фото: Фејсбук

-И оваа зима нашите граѓани ќе ги наполнат регионалните ски – центри Србија и Бугарија, а причините се очигледни. Тоа што им недостасува на нашите ски-центри доколку ги споредиме со регионот со еден збор можеме да кажеме дека се застанати во минатиот век некаде 1980 година без присуство на јасна визија за нивен развој што може да се види од недостатокот на патна и секаков вид друга инфраструктура. Развојот на ски-центрите е контимуиран процес кој треба да ги развива како дестинации за цела година со голем број на туристички форми кои ќе овозможат исполнетост на капацитетите, а не да чекаме да падне снег, изјави за „Локално“, Јаневски.

Според него, неопходни се инвестиции во хотелски комплекси со четири и повеќе звезди кои ќе ги задоволуваат потребите на новите генерации туристи доволно конкурентни со регионот. Ваквиот развој на инвестиции овозможува силно позитивно влијание во локалната заедница како и останатите туристички форми како руралниот туризам, екотуризмот, гастрономијата и др. Се дотогаш ќе се задоволиме со дневни туристи, број на продадени билети на жичарниците и километарски гужви со автомобилите за да се стигне во Шапка, Маврово или друг македонски ски-центар.

Б.С.