Зеленски: Трамп го чека јасна листа на „црвени линии“

Како што изјави Зеленски во своето обраќање пред новинарите, меѓу клучните прашања се територијалниот интегритет на Украина и статусот на нуклеарната централа Запорожје

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Володомир Зеленски

Пред да замине за Соединетите Американски Држави, каде што треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев има „јасни црвени линии“ во претстојните разговори, од кои нема да отстапат.

Како што изјави во своето обраќање пред новинарите, меѓу клучните прашања се територијалниот интегритет на Украина и статусот на нуклеарната централа Запорожје. Зеленски повтори дека Украина нема правно да ја признае руската јурисдикција над териториите што Москва ги смета за свои.

Тој истакна дека сите евентуални одлуки во врска со најчувствителните прашања ќе се донесат само по консултација со граѓаните. Според неговите зборови, таквата дискусија може да вклучува и одржување референдум или измена на постојните закони.

Тој особено ја нагласи важноста на безбедносните гаранции, оценувајќи ги како клучен предуслов за каков било компромис.

„Без безбедносни гаранции, никакви компромиси не се можни“, рече Зеленски.

Тој, исто така, предупреди дека продолжувањето на непријателствата, особено интензивните воздушни напади, ќе го оневозможи одржувањето избори или референдуми во земјата.